меѓународна научна конференција

МЕЃУНАРОДНА НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА 

Во рамките на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, секоја година се организира Меѓународна научна конференција, на којашто странските и македонските македонисти, слависти и балканисти ги соопштуваат своите истражувања од областа на јазикот и литературата.

ТЕМИ
XLVIII Меѓународната научна конференција
Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура
(3 и 4 септември 2021, Охрид)


ГЛАВНА ТЕМА
100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ - СТОЖЕР НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ЛИТЕРАТУРА И КУЛТУРА


Лингвистичкото, литературноисториското и поетското дело на Блаже Конески е од огромно значење за македонскиот јазик, за македонскиот идентитет и за македонската национална култура. Како дело во кое се вградени длабоки хуманистички идеали и научни достигнувања, тоа е препознаено и признато и од светската академска јавност како значајно и вредно остварување во рамките на светското културно наследство. Токму затоа 100-годишнината од неговото раѓање е еден од настаните за одбележување и на УНЕСКО за 2021 година. Во таа насока, главната тема на Научната конференција на МСМЈЛК во 2021 година му е посветена токму на Блаже Конески, како централна фигура на македонската култура, лингвистика и книжевност во 20 век. Сметаме дека неговиот грандиозен научен и поетски опус бил и ќе биде инспирација за многу творци од областа на македонистиката и на славистиката, од областа на лингвистиката и на литературната наука, на сегашните и на идните поети и писатели.

Теми на лингвистичката секција
1. Лингвистичките трудови на Блаже Конески како инспирација за проучување на македонскиот јазик
Во рамките на лингвистичката секција се прифаќаат теми што се однесуваат на лингвистичките трудови на Конески за македонскиот јазик или се инспирирани од нив. Темите може да претставуваат: истражувања од сите области на јазикот (современ македонски јазик, историја и дијалектологија на македонскиот јазик, балканистика), кои се однесуваат на сите аспекти на неговото проучување (фонетика, фонологија, морфологија, синтакса, семантика, лексикологија, зборообразување, фразеологија, стилистика и др.), како и лингвистичка анализа на преводите и препевите на Конески од други јазици на македонски јазик.

2. Македонскиот јазик наспрема другите јазици
Во рамките на постојаната тема на Научната конференција Македонскиот јазик наспрема другите јазици се прифаќаат теми што претставуваат проучувања на содржини од различни области на македонскиот јазик (фонетика, фонологија, морфологија, синтакса, семантика, лексикологија, зборообразување, фразеологија, стилистика и др.), а се однесуваат на современиот македонски јазик или се од областа на историјата и дијалектологијата на јазикот. Темите може да се однесуваат само на македонскиот јазик или да претставуваат контрастивно истражување на македонскиот наспрема некој друг словенски или несловенски јазик.

Координатор: проф. д-р Станислава-Сташа Тофоска


Теми на секцијата Литература и култура
1. Уметничкиот и книжевно-научниот универзум на Блаже Конески
Блаже Конески е еден од клучните творци на првата генерација на македонски поети, чие поетско творештво е од огромното значење за сите фази во развојот на современата македонска книжевност. Неговата поетика на едноставност, непосредност, спонтаност е проникната од длабоки метафизички, рефлексивни и лирско-медитативни синтези на стварноста, поради што неговата поезија се доживува како уникатно книжевно-естетско и јазично искуство. Имајќи ги предвид актуелноста и перманентното влијание на творештвото на Конески во различните сфери во македонската книжевност, наука и култура, целта на конференцијата е презентирање на современи книжевно-теориски толкувања и пристапи кон уметничкото и научното дело на Конески од перспектива на хуманистичките науки и филозофските, социолошките и психолошките рецепции на поетското дело на Конески од аспект на општествените науки и уметности. Со оглед на комплексноста на книжевното и научното дело на Конески, во рамки на темата ќе се обидеме да ги истражиме следните проблемски подрачја:
  • Поезијата на Конески
  • Конески и расказот
  • Есеистиката на Конески
  • Публицистиката на Конески
  • Конески и книжевниот превод
  • Конески и книжевната критика
  • Конески и македонскиот фолклор
  • Поп културата за Конески

2. Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури
Во рамките на оваа тема ќе се обидеме да ги согледаме современите книжевно-теориски, книжевно-историски и компаративни проучувања и рецепции на делата од македонската книжевна продукција во контекст на слични книжевно-естетски и поетички тенденции во јужнословенските и европските литератури, како и научните согледувања на интеркултурните и интермедијалните проникнувања, импулси и врски меѓу македонската  култура и другите култури.

Координатор: проф. д-р проф. д-р Трајче Стамески

 

Последни новости

12-10-2021 - На УКИМ
ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ НА НАЈДОБРИТЕ СТУДЕНТИ

08-10-2021 - NI4OS training event:
ВТОР НАЦИОНАЛЕН ТРЕНИНГ ВО РАМКИТЕ НА ПРОЕКТОТ NI4OS-Europe

08-10-2021 - На 12 октомври, УКИМ
ЌЕ ГИ НАГРАДИ СВОИТЕ НАЈДОБРИ СТУДЕНТИ

07-10-2021 - Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
ДОДЕЛИ 135 СТИПЕНДИИ ОД ФОНДАЦИЈАТА „АТАНАС БЛИЗНАКОФ“ НА СТУДЕНТИ КОИ СЕ ЗАПИШАА ВО АКАДЕМСКАТА 2021/2022 ГОДИНА НА ФАКУЛТЕТИТЕ НА УКИМ

05-10-2021 - УКИМ распишува ИНТЕРЕН КОНКУРС
ЗА ИЗБОР НА НАЈДОБРИ НАУЧНИЦИ И УМЕТНИК НА УНИВЕРЗИТЕТОТ„СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ЗА 2020 ГОДИНА

30-09-2021 - На УКИМ
НА 1 ОКТОМВРИ ЗАПОЧНУВА НОВАТА АКАДЕМСКА ГОДИНА

27-09-2021 - Посета на италијанскиот амбасадор на УКИМ
Посета на италијанскиот амбасадор на УКИМ

27-09-2021 - УКИМ семестарот го започнува
СО НОВА СОВРЕМЕНА ДИГИТАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА УЧЕЊЕ НА ДАЛЕЧИНА

22-09-2021 - За Академска заедница на УКИМ
ТЕКОВНИ ИНФОРМАЦИИ

22-09-2021 - Интерен оглас
ЗА СТУДЕНТИТЕ ЧИЕ РОДИТЕЛСКО ПРАВО ГО ВРШИ САМО ЕДЕН РОДИТЕЛ

09-09-2021 - ИЗВЕСТУВАЊЕ ДО СТУДЕНТИТЕ НА УКИМ

07-09-2021 - На УКИМ
ОТВОРАЊЕ НА ВАКЦИНАЛЕН ПУНКТ