Од дијагностика до конзервација: Напредни методи за анализа и чистење на уметнички дела

ФЛУ – Скопје има огрома чест да ја најави тридневната работилница:  

„Од дијагностика до конзервација: Напредни методи за анализа и чистење на уметнички дела“ 

Факултетот за ликовни уметности – Скопје, во соработка со Универзитетот на Западна Атика (UNIWA), Атина, Р. Грција, организира тридневна работилница за конзервација, наменета исклучиво за студентите на ФЛУ! 

Работилницата ќе ја водат професори од Катедрата за конзервација на антиквитети и уметнички дела UNIWA, кои ќе споделат напредни техники за анализа и третман на уметнички дела, вклучувајќи рентгенска флуоресцентна (XRF) спектроскопија, FTIR анализа, примена на водени гелови. електрохемиски методи за конзервација на метални уметнички дела. 

Датум: 18 – 20 февруари, Галерија ФЛУ 

Време: 09:00 – 18:00 часот 

СРЕДБА НА РЕКТОРКАТА НА УКИМ ПРОФ. Д-Р БИЉАНА АНГЕЛОВА И РЕКТОРОТ НА АНКАРСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ПРОФ. Д-Р НЕЏДЕТ УНУВАР

Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова, на 10 февруари оствари средба и имаше прием кај ректорот на Анкарскиот универзитет, проф. д-р Неџдет Унувар, со цел да се овозможи непречена работа и натамошен развој на Лекторатот по македонски јазик на УКИМ. Во рамките на оваа посета се надминати сите административни бариери за отпочнување со работа на Лекторатот по македонски јазик во Анкара и потпишан е нов билатерален договор меѓу двата универзитети.

Потпишани договорите за издавање електронски изданија на учебници, односно учебни помагала од страна на УКИМ за учебната 2024/2025 година

Во насока на поттикнување на издавање на учебници и учебни помагала во електронска форма, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и во учебната 2024/2025 година распиша Конкурс за финансирање на издавачката дејност на УКИМ во електронска форма, е-издаваштво, на кој сите пријавени 12 учебници, односно учебни помагала ги исполнија условите и пропишаните критериуми, а Универзитетот и оваа година направи напори сите пријавени учебници и учебни помагала да се издадат во електронска форма, од страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

По направената реализација на Одлуката бр. 11 – 1310/4 од 24.12.2024 година за издавање електронски изданија на учебници и учебни помагала од страна на УКИМ, на 5.2.2025 година, во тркалезната сала, во Ректоратот на УКИМ беа склучени поединечните договори за издавање на електронските изданија на учебниците, односно учебните помагала меѓу авторите од една страна и Универзитетот, претставуван од ректорката, проф. д-р Биљана Ангелова, од друга страна. На склучувањето на договорите присуствуваше и претседателката на Комисијата за издавачка дејност, проф. д-р Соња Топузовска, проректор за настава на УКИМ.

Досега, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје има издадено вкупно 147 учебници, односно учебни помагала во електронска форма.

Со учество на стотина македонисти од целиот свет започна Петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Со свечено отворање започна еден од најзначајните настани за негување и афирмација на македонскиот јазик – Петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), на кој учествуваат 100-тина македонисти од 18 земји од светот: Австралија, Албанија, Бугарија, Италија, Монголија, Народна Република Кина, Полска, Романија, Руската Федерација, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка Република.
Семинарот се одржува онлајн, а беше отворен од страна на претседателката на Република Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова, која воедно е покровител на школите на Семинарот.
„Петтата зимска школа е расадник на светската македонистика преку која студентите, професорите, научните истражувачи, македонистите, филолозите, културолозите од странските универзитети во светот, имаат можност да ја растат и да ја развиваат македонистиката, да ги усовршуваат македонскиот јазик, литература и култура. И со задоволство можам да кажам дека македонистиката е стабилна, студиозна и аргументирана наука со долга традиција, врвни резултати до кои се доаѓа преку студиозен раст и развој, развој во кој стожерно значење има Меѓународниот семинар при УКИМ“, истакна претседателката Сиљановска Давкова.
Таа нагласи дека и повторно, од денес, македонистиката ќе биде облагородена и „позлатена“ со македонистичко „семе“, коешто ќе биде „посеано“ насекаде кон светот, та како светлина ќе зрачи и ќе ја осветли прекрасната и свечена македонистичка седмица во која 100-тина македонисти раскошно ќе ја растат и ќе ја развиваат македонистиката и ќе пратат моќно македонистичко послание кон светот.
„Зимската школа на Меѓународниот семинар – нема граници, не познава бариери, гради мостови на соработка, научна и културна размена, пријателство и културна дипломатија. Македонскиот јазик е суштина на македонскиот ентитет и идентитет. Македонската реч, уметничка и научна – отвора нови хоризонти и освојува нови универзуми. Македонскиот мелос, фолклорот, историјата, археологијата – се нашите скапоцени и непресушни извори што ги споделуваме со вас“, порача претседателката Сиљановска Давкова.
Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Биљана Ангелова на отворањето наведе дека УКИМ ги отвора училниците и амфитеатрите за македонистиката, која овој пат се вмрежува во голема високообразовна и научна мрежа на соработка, истакнувајќи дека Меѓународниот семинар е важен приоритет за Универзитетот, кој има поширок национален интерес и интернационално значење.
„Согласно концептот за отворен и модерен универзитет, во дослух со новите потреби и предизвици во високообразовниот и научен процес, УКИМ овозможува услови за квалитетен раст и развој на македонистиката преку дејноста на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, како и дејноста на факултетите и институтите од областите: македонистика, филологија, културологија, филозофија, фолклористика, национална историја, итн.“, рече ректорката Ангелова.
Таа посочи дека Семинарот е можност за зајакнување на академските и научноистражувачки мрежи, за размена на идеи и креирање на нови проекти, при што додаде дека, оваа школа е вистински израз на посветеноста и напорите на организаторот за студиозно изучување, промовирање и афирмирање на македонистиката, но и резултат на плодна синергија меѓу семинаристите, предавачите и лекторите.
Зборувајќи за сите минати успеси на одржаните школи, ректорката потенцираше дека големиот подем и меѓународната афирмација на македонистиката се должат на подновениот концепт со идеја, богатата лепеза од програмски содржини, студиозна и компетентна настава од еминентни предавачи – кои се обележја и на оваа школа.
Директорката на Меѓународниот семинар при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска, им посака добредојде на сите учесници, наведувајќи дека од денеска Меѓународниот семинар при УКИМ повторно ги отвора раскошните порти на македонистиката за сиот свет.
„Од денес – светот ќе стане огромна македонистичка училница од која ќе растат нови и нови училници, работилници, преведувалници. Од денес – ќе зрачиме со знаење кон сите страни на светот, збрани во голема македонистичка мрежа, која се умножува како светлина“, рече директорката Николовска.
На Петтата зимска школа ќе се одбележи осумдесетгодишниот јубилеј на македонската азбука и македонскиот правопис, а ќе се чествуваат и великаните на македонската книжевност и култура – Григор Прличев (по повод 195 години од раѓањето), Константин Миладинов (195 години од раѓањето), Анте Поповски (70 години од првата стихозбирка), Ташко Георгиевски и Живко Чинго (90 години од раѓањето).
Семинаристите работат во две секции: македонски јазик (на три рамништа: почетно, средно и напреднато) и македонска литература и култура (со преведувачка работилница за поезијата на Анте Поповски, од која ќе се објави зборник „Анте Поповски – на океан од јазици“).
Меѓународниот семинар при УКИМ досега има одржано 57 летни школи и четири зимски школи, на кои зеле учество над 4300 лица од повеќе од 60 земји во светот, еминентни македонисти, филолози, слависти, балканолози, професори, научни работници, студенти по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети, преведувачи и афирматори на македонистиката. Меѓународниот семинар при УКИМ развива дејност на 11 лекторати по македонистика во девет земји на странските универзитети, каде е забележен голем интерес од страна на студентите.
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

СТУДЕНТИТЕ СЕКОГАШ КЕ БИДАТ СМИСЛАТА НА НАШЕТО ПОСТОЕЊЕ

Фокусот во 2025 година ќе биде ставен на дигиталната трансформација на УКИМ, запишување на што поголем број странски студенти, довршување на спортската сала во општествено-хуманистичкиот кампус, иновирање на дел од студиските програми со поголема застапеност на практичната настава, воведување кратки студиски програми на прв циклус студии и воведување нови интердисциплинарни студиски програми од прв и втор циклус студии.

Студентите секогаш ќе бидат смислата на нашето постоење. Тие ни се на прво место. Работата со студентите, слушањето на нивните проблеми, приоритети и идеи е посебно важна задача и наша должност. Вклучувањето на студентите во сите активности на Универзитетот продолжува да биде наша определба и во иднина. Мисијата на Универзитетот е да обезбеди не само врвно образование и исклучителни знаења туку и највисоки компетенции и да ги подготви своите студенти за пазарот на трудот.

Мојата порака до сите средношколци е никогаш да не се штедат во стекнувањето нови знаења и вештини. Да бидат упорни – да учат, да бидат љубопитни и да истражуваат, затоа што само знаењето ќе ги одведе до оние нивоа што ги посакуваат. Знаењето е вредност која секогаш и секаде се цени, се вреднува и е предуслов за успех и просперитет. Би им порачала дека изборот што го прават денес можеби ќе ја обликува траекторијата на нивното утре. Светот е огромен и преполн со можности кои чекаат да бидат зграпчени. Но тоа бара храброст, одлучност и непоколеблива посветеност. Тоа бара флексибилност пред предизвиците, приспособливост на промените и неуморна потрага по извонредност.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е токму тоа место, место кое било и ќе остане средина каде што се негува извонредноста, се зацврстува и унапредува научната мисла и секогаш ќе биде отворен за сите оние кои сакаат да го продолжат своето образование, тука. На тој пат сме постојано до нашите студенти, насочени кон надминување на сите нивни дилеми и препреки и секогаш ќе бидеме водени од аспирациите на најмладите умови, со стремеж кон подигнување на квалитетот на наставата, на студентските сервиси и на севкупното работење на УКИМ.

Прочитајте го целосното интервју на следниот линк: https://republika.mk/vesti/kultura/bilana-angelova-rektorka-na-ukim-studentite-sekogash-ke-bidat-smislata-na-nasheto-postoene/

Започнува петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Започнува петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Скопје, 27 јануари 2024 – Со учество на голем број македонисти, од 18 земји од светот: Австралија, Албанија, Бугарија, Италија, Монголија, Народна Република Кина, Полска, Романија, Руската Федерација, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка Република, денеска започнува (онлајн) Петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), што ќе трае до 1 февруари.
На Петтата зимска школа ќе се одбележи осумдесетгодишниот јубилеј на македонската азбука и македонскиот правопис, а ќе се чествуваат и великаните на македонската книжевност и култура – Григор Прличев (по повод 195 години од раѓањето), Константин Миладинов (195 години од раѓањето), Анте Поповски (70 години од првата стихозбирка), Ташко Георгиевски и Живко Чинго (90 години од раѓањето).
Семинаристите ќе работат во две секции: македонски јазик (на три рамништа: почетно, средно и напреднато) и македонска литература и култура (со преведувачка работилница за поезијата на Анте Поповски, од која ќе се објави зборник „Анте Поповски – на океан од јазици“).
На отворањето ќе се обратат претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, којашто е покровител на школите на Семинарот, ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска.
Ректорката на УКИМ, по повод одржувањето на Школата, наведе дека е од исклучителна важност големиот интерес за изучувањето на македонскиот јазик, со што се негува неговото постоење и се афирмира во светски рамки.
Меѓународниот семинар при УКИМ досега има одржано 57 летни школи и четири зимски школи, на кои зеле учество над 4300 лица од повеќе од 60 земји во светот, еминентни македонисти, филолози, слависти, балканолози, професори, научни работници, студенти по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети, преведувачи и афирматори на македонистиката.
Меѓународниот семинар при УКИМ развива дејност на 11 лекторати по македонистика во девет земји на странските универзитети, каде е забележен голем интерес од страна на студентите.

Ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова се сретна со претставниците на Синдикатот на УКИМ проф. д-р Ангел Ристов, проф. д-р Марјан Јованов и м-р Илија Манасиев

На 23.01.2025 година се одржа официјална средба со ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова и претставниците на Синдикатот на УКИМ проф. д-р Ангел Ристов, проф. д-р Марјан Јованов и м-р Илија Манасиев. На средбата стана збор за позитивните придобивки од Колективниот договор и спремноста од двете страни за зачувување и подобрување на статусот на вработените на УКИМ. Ректорката проф. д-р Ангелова укажа на поддршката што ја дава УКИМ за почитување на законските синдикални одредби за натамошен развој на сите вработени, а во интерес на подобрување на образовниот процес за студентите. Од страна на претседателот на ССУКИМ проф. д-р Ангел Ристов беше поздравена зголемената меѓународна активност на УКИМ и соработката со студентските претставници. Тој, исто така, ги предочи следните активности на ССУКИМ по повод пет годишниот јубилеј: свечена академија, синдикалната школа и идните планирани меѓународни соработки. Заедничкиот заклучок беше дека оваа соработка на УКИМ и СССУКИМ ќе продолжи и во иднина во интерес на сите вработени и студенти на УКИМ.

ЕРАЗМУС проектот LMOOC4Slav (Romance languages for Slavic-speaking university students) ја доби престижната награда Label Europeo delle lingue

✨ Со гордост споделуваме дека Еразмус+ проектот #LMOOC4Slav (Romance languages for Slavic-speaking university students, 1.12.2021-31.05.2024), каде што Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е главен стратешки партнер за OER за италијански јазик, ја освои престижната награда Label Europeo delle Lingue 2024 🏆 во категоријата високо образование и образование за возрасни, со извонредна оценка 9.7/10.

Проектот е посветен на креирање иновативни онлајн курсеви (MOOC) и отворени едукативни ресурси (OER) за изучување на италијанскиот и португалскиот јазик во различни научни домени: филологија, право, медицина, економија и егзактни науки.

УКИМ активно учествува преку тим од Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“:
Проф. д-р Радица Никодиновска (раководител на проектот)
Проф. д-р Александра Саржоска
М-р Бранка Гривчевска
Проф. д-р Анастасија Ѓурчинова
Проф. д-р Руска Ивановска-Наскова
Надворешни соработници: Теодора Јосифовска и Елена Јосифовска

Со соработка меѓу универзитетите: Универзитетот за странци во Перуџа (носител на проектот), Универзитетот во Порто, Масариковиот универзитет во Брно и Јагелонскиот универзитет во Краков, го поставуваме изучувањето на странските јазици на ново, иновативно ниво.

Горди сме на нашата улога во овој успешен проект и продолжуваме да работиме на меѓународна промоција на знаењето и иновациите! 🙌

📎 Повеќе информации:
🔗 https://www.lmooc4slav.eu/q
🔗 https://www.unistrapg.it/…/lmooc4slav-open-educational…
🔗 https://www.erasmusplus.it/…/label-europeo-delle…/

УКИМ е партнер во проектот Erasmus+ „Save Life“: Иновативни дигитални материјали за обука за прва помош и напредна животна поддршка

Еразмус-проектот „Save Life: Reorganizing Basic/Advanced Life Support Training Through the Use of Innovative Digital Materials“, кој го спроведувавме изминативе две години, влегува во својата завршна фаза, но неговото значење и влијание ќе продолжат да се чувствуваат во годините што следат. Овој проект е финансиран од Европската Унија, во рамките на програмата Erasmus+ KA220, и има за цел да ги револуционизира методите за обука во основната и напредната животна поддршка (Basic and Advanced Life Support – B/ALS) преку обезбедување дигитални ресурси и иновативни материјали за обучување.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, преку кадарот од Медицинскиот и Машинскиот факултет, е активен партнер во овој проект, придонесувајќи со својата експертиза и знаење. Медицинскиот факултет помогна во развојот на едукативните материјали и обуките за медицинскиот персонал, додека Машинскиот факултет се фокусираше на дизајнот на интерактивните дигитални алатки и ресурси.
Целта на проектот „Save Life“ е решавање на важни предизвици поврзани со давање прва помош и заштита на човечкиот живот. Со оглед на тоа што кардиоваскуларните заболувања, особено акутните коронарни синдроми, се водечки причинители за смртност во светот, навремената и ефикасна кардиопулмонална реанимација (CPR) е клучна за подобрување на стапката на преживување кај пациентите. Проектот одговори на оваа потреба преку создавање на дигитална платформа која нуди флексибилна и континуирана обука за B/ALS, што е особено важно во услови на чести ажурирања на CPR-насоките и нарушувања предизвикани од настани како што беше пандемијата на COVID-19.
Конзорциумот на проектот ги обедини напорите на осум партнерски институции од шест различни земји: Yildiz Technical University (Турција) – координатор; University of Health Sciences (Турција); Medical University Sofia (Бугарија), Panepistimio Thessalias (Грција), Bukovinian State Medical University (Украина), Ss. Cyril and Methodius University (Република Северна Македонија), Silesian University of Technology (Полска), RQ Consultancy Ltd. Co. (Турција).
Една од најзначајните придобивки од проектот е развојот на специјализирани курсеви и дигитални материјали за обука. Овие ресурси се насочени кон универзитетскиот кадар, студенти по медицина, медицински сестри, парамедици и лекари кои работат или ќе работат во средини со висок ризик. Преку интерактивни видеа, електронски книги и алатки за онлајн и хибридна обука, проектот ги прави овие материјали лесно достапни за медицинскиот персонал од различни социоекономски средини.
Во рамките на проектот, успешно организиравме повеќе настани за обука (Learning, Teaching, and Training – LTT-настани), кои послужија како платформа за размена на знаења и јакнење на капацитетите на наставниот кадар. Дополнително, беа организирани и мултиплицирачки настани, насочени кон ширење на резултатите од проектот и нивно презентирање пред пошироката јавност. Овие настани не само што овозможија ширење на знаењето, туку и поттикнаа соработка и размена на добри практики меѓу различните институции и професионалци.
Проектот има потенцијал за долгорочно влијание врз квалитетот на обуката за итна медицинска помош низ Европа. Обезбедувајќи бесплатен и отворен пристап до материјалите за B/ALS, проектот придонесува за зголемена подготвеност и ефикасност на здравствените работници при справување со итни случаи, со што директно се спасуваат животи.
Повеќе информации за проектот и неговите активности може да најдете на официјалната веб-страница: https://savelife.yildiz.edu.tr/

Транскриптор на македонски јазик БУКИ 2.2

Пристигна новата 2.0 верзија на дигиталната платформа базирана на вештачка интелигенција за транскрипција на говор на македонски јазик – „Буки“!
Унапредениот модел ви овозможува поточно и побрзо да транскрибирате говор на македонски јазик, дури и од аудио фајл.
Ве повикуваме да се приклучите на кампањата „Донирај глас“ и да дадете свој придонес во негувањето, афирмацијата и широката употреба на македонскиот јазик во дигиталниот свет.
Нова верзија е достапна на линкот: https://huggingface.co/spaces/Macedonian-ASR/Bookie-w2v2-Macedonian-ASR

Наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет – Скопје во состав на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје на 25 декември о.г. одржа свечена седница по повод 65 години од основањето на Факултетот

Наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет – Скопје во состав на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје на 25 декември о.г. одржа свечена седница по повод 65 години од основањето на Факултетот.
На седницата, покрај актуелните вработени и студентите, присуствуваше Ректорката на Универзитетот, проф. д-р Биљана Ангелова, проректорите, генералниот секретар на Универзитетот, м-р Марија Маневска, како и претставници на вработените во стручната и административната служба на Ректоратот. На настанот присуствуваа и поранешните декани и поранешниот наставно-научен и соработнички кадар на Стоматолошкиот факултет – Скопје.
По повод јубилејот, од страна на деканката на Факултетот, проф. д-р Соња Апостолска, беше доделена плакета за унапредување на наставната и научната дејност на Ректорката на Универзитетот. На поранешните декани, на актуелниот и поранешен наставно-научен и соработнички кадар, на стручната и административната служба на Ректоратот и на Факултетот им беа доделени благодарници и пофалници за унапредување на наставната и научната дејност на Стоматолошкиот факултет – Скопје. На свеченоста, пофалници беа доделени и на најдобро дипломираните студенти во изминатите пет години.