Школа за докторски студии

Универзитетската школа на докторски студии започна со работа во академската 2011/2012 година, со воведување нов концепт на трет циклус студии - докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Докторските студии на „Св. Кирил и Методиј” во Скопје се реализираат во согласност со правилата на Болоњскиот процес и со европскиот кредит-трансфер систем што овозможува нивна меѓународна препознатливост и можност за интердисициплинарни научни истражувања.

Студиските програми за докторски студии ги опфаќаат голем број на научни области во сите научнoистражувачки подрачја, односно научно-истражувачки полиња од прво ниво според Меѓународната фраскатиева класификација:
  • природно-математички науки;
  • техничко-технолошки науки;
  • медицински науки и здравство;
  • земјоделски и ветеринарни науки;
  • општествени науки;
  • хуманистички науки и
  • уметности.

Дел од докторските студии се организираат и како интердисциплинарни студиски програми во кои учествуваат повеќе единици на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Докторските студии имаат за цел:
  • унапредување на научноистражувачката, уметничката и стручната работа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје;
  • пренесување знаења на новите генерации;
  • оспособување кадар кој самостојно ќе води оригинално научно истражување;
  • развивање на нови технологии и уметнички проекти и
  • интернационализација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.