На 3 јуни 2019 година, во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а во организација на Македонското политолошко друштво и Универзитетот беше одржана академска дебата на тема „Влијанието на ЕУ изборите врз процесот на интеграции на Западен Балкан со посебен осврт на Република Северна Македонија”.
На почетокот свои обраќања имаа ректорот на Универзитетот проф. д-р Никола Јанкуловски и претседателот на Македонското политолошко друштво доц. д-р Марјан Ѓуровски. Во своето излагање, ректорот Јанкуловски нагласи:
Неколку претседатели и премиери, десетици министри за европски прашања и за надворешни работи, стотици членови на собраниските состави, научници и истражувачи, илјадници државни службеници ги вложија своите кариери, лични и политички, и дел од својот живот (некој подолго, некој пократко) и ги вградија во темелите на иднината и европската перспектива на Република Северна Македонија. Процесот кон ЕУ е долг процес што не застанува со застапување и членство, напротив, процесот продолжува поинтензивно. За да имаме институции и граѓани способни да покажуваат, но и да имплементираат вредности и пракси кон патот на ЕУ, образованието е клучно.
Воведничар на дебатата на која присуствуваа професори и студенти од факултети од државните Универзитети, беше aмбасадорот на Франција Н.Е. Кристијан Тимоние, а свои излагања имаа и: проф. д-р Иван Дамјановски од Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф. д-р Никола Дујовски од Факултетот за безбедност - Скопје, проф. д-р Горан Илиќ од Правниот факултет во Кичево, проф. д-р Ило Трајковски од Филозофскиот факултет, проф. д-р Ирена Кикеркова од Економскиот факултет во Скопје, м-р Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања при Владата на РСМ, проф. д-р Ветон Љатифи од Универзитетот на Југоисточна Европа, проф. д-р Даниела Мамучевска од Економскиот факултет во Скопје и проф. д-р Ризван Сулејмани од Универзитетот „Мајка Тереза„ во Скопје.
Имајќи ги предвид резултатите од ЕУ изборите, академската дискусија во полната сала во Ректоратот даде одговор на дел од прашањата за влијанието на новиот состав во Европскиот Парламент врз процесот на зачленување на Република Северна Македонија и регионот во ЕУ, како и најавениот почеток на преговорите со нашата држава.
|