Драги матуранти, идни членови на академската заедница на УКИМ,
Имам особено задоволство да ви се обратам по повод одржувањето на традиционалниот настан „Отворен ден на УКИМ“ и да ве поздравам од името на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и од свое лично име.
Оваа манифестација, која ќе се одржи онлајн, претставува одлична можност да се уверите во одликите на УКИМ што го прават најдобар универзитет во нашата држава и еден од врвните во регионот.
УКИМ зад себе има богат 72 - годишен пат, исполнет со резултати достојни за почит, пат длабоко втемелен во сите пори на нашето општество. Големиот избор на квалитетни и иновирани студиски програми во сите циклуси на студии, постојаниот стремеж за достигнување на квалитетот на образовните програми на европските и светските универзитети, како и следењето на трендовите на атрактивност на студиските програми, се основна одлика на УКИМ со која се одвојува и предничи пред сите останати.
Богатата високообразовна понуда на УКИМ пак е одраз на осовременувањето на наставно-образовниот процес, следењето на интересот на студентите, стопанството и современите текови на образованието во глобални рамки. Нашиот Универзитет организира настава на студиски програми во сите научни области: природно-математичките, техничко-технолошките науки, медицинските науки и здравството, биотехничките, општествените, хуманистичките науки и во уметностите.
„Отворениот ден на УКИМ“ ќе ви понуди можности да се запознаете и со професорите и студентите. Немајте двојба, разрешете ги недоумиците доколку ги имате, прашајте ги сѐ што ве интересира: за студиските програми, за можностите за стипендирање, слушнете ги искуствата на вашите идни колеги, студентите од повисоките години кои несебично со вас ќе ги споделат нивните искуства за вклученоста во научноистражувачките и останатите проекти, дознајте за можностите за меѓународна размена, за студентскиот живот, за практиканството, за кариерните можности....
Вашиот избор, вашата одлука да студирате на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се вистински и правилни, бидејќи дипломите стекнати на УКИМ се препознатливи и на меѓународниот пазар на трудот. Освен тоа студентите на УКИМ се централен субјект и рамноправен партнер во одлучувањето за сите значајни прашања од дејноста на Универзитетот преку учеството во органите на факултетите и на Универзитетот. Бидете наш партнер, а истовремено и наш коректив!
Студирајте на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, универзитет чие мото е традиција, потврдени вредности и квалитет!
Со почит, Проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор
|