На 23 септември 2021 година, на УКИМ се одржа онлајн работилница насловена „Можности за учење на далечина со кортистење на дигитална платформа“. Проектот е изработен од работна група во рамките на Комисијата за информатичка технологија. На работилницата беше презентирана новата современа дигитална платформа iLearn и за неа говореа ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски кој се задржа на нејзината улога во подобрување на наставниот процес. Проректорот за настава на УКИМ и претседател на Комисијата за информатички технологии се задржа на постапката за имплементација на интегрираната дигитална платформа за учење. Раководителот на проектот, проф. д-р Боро Јакимовски, изврши презентација на платформата зборувајќи за функционалностите на интегрираната дигитална платформа за учење iLearn.
Во прилог на овој текст пренесуваме делови од нивните обраќања:
Ректор, проф. д-р Никола Јанкуловски:
Осовременувањето на наставно образовниот и научно истражувачкиот процес на високообразовните институции со помош на современите технички средства и методи кои базираат на информатичките технологии претставуваат тренд во денешно време. Ова особено се однесува на интеракцијата на студентите и наставниот и друг помошен кадар во процесите на реализација на наставата и другите активности поврзани со следењето на успешноста на студентите во академското напредување, но исто така и во завршувањето на нивните административни процедури поврзани со студирањето.
Денешнава презентација го означува и формалниот почеток и предавање во употреба на дигиталната платформа за учење iLearn на универзитетот. Со особено задоволство и гордост можам да констатирам дека во релативно краток временски период успеавме да одговориме на предизвикот кој ни го наметна пандемијата, успешно да се престроиме и да продолжиме со реализацијата на една од нашите основни дејности – едукативната. Уште повеќе сум среќен што и по завршетокот на пандемијата ќе имаме ефикасно средство - алатка за модерен начин на реализација на наставата. Се надевам дека со наше залагање ќе придонесеме за успешно усвојување на iLearn системот во секојдневното работење на факултетите и институтите и ќе го направиме неопходно и незаменливо помошно средство во наставата.
Проректор за настава, проф. д-р Христина Спасевска:
Новата дигитална платформа за учење на нашиот универзитет е современо решение што овозможува организирање на настава на далечина со концепт сличен како на големите странски универзитети. Уште поважно е што овој проект за многу кратко време, по барање на студентите, целосно го реализиравме со сопствени стручни, технички и финансиски капацитети. На проектот работеше тим од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, со подршка Ректорската комисија за информатичка технологија и професори од факултетите кои веќе имаа искуство со користење на дигитална платформа. Тоа укажува на фактот дека нашиот универзитет и понатаму останува лидер во областите кои се поврзани со процесите на дигитализација.
Во мплементацијата на проектот, од мај до сега, се вклучени околу 620 професори и асистенти, 68 администратори на платформата и околу 80 студенти. Подготвени се и електронски упатства за студентите.
Раководител на проектот, проф. д-р Боро Јакимовски:
Дигиталната платформа за учење на далечина iLearn e примарен и постојан систем што ќе се користи во редовна настава и по завршувањето на вонредните услови со пандемијата. Таа се заснова на еден од водечките системи за управување со учењето Moodle што се користи на голем број универзитети и училишта во светот. Направена е како интегрирана платформа и факултетите нема да користат сопствени ресурси за одржување и системот и опремата.
iLearn овозможува, на едноставен начин, споделување на материјали, форум за размена на информации, задавање и поднесување на домашни и проектни задачи како и систем за организирање на тестови. Со нејзината интуитивност, пристапност и јасност, како и богатиот избор на алатки, можноста за индивидуален пристап на секој наставник и прилагодливост на различни видови курсеви и активности на далечина, таа може да се нарече идеална виртуелна училница.