Состав | Foundations and Associations

Фондацијата Атанас Близнакоф при Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е основана со Одлука на Универзитетскиот совет, донесена на 148. седница од 18.4.1977 година, и Одлука за измени и дополнувања на Одлуката за основање Фонд „Атанас Близнакоф“ на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, донесена на 16. седница на Универзитетската управа, одржана на 6.2.1996 година, врз основа на лично изнесената желба на донаторот на средствата, сега покојниот г. Атанас Близнаков.

Донаторот Атанас Близнаков е роден 1901 година, во костурското село Д’мбени, Егејска Македонија. Во 1920 година го напуштил родниот крај и заминал во САД, каде што живеел и работел до 1976 година. Потоа се преселил во Скопје и ја основал Фондацијата, која е прва и најголема фондација на иселеник од Македонија.

Фондацијата е правно лице кое одговара за своите обврски со својот имот и средства.

Фондацијата ги остварува целите, правата, интересите и уверувањата за кои е основана преку стекнување и управување со средствата и имотот. Органи на Фондацијата се: Одбор и директор.

Согласно со член 19 од Статутот на Фондацијата (бр. 12-1039 од 3.12.1998 година, бр. 12-350 од 15.4.2011 година и бр. 12-867/2-1 од 9.11.2017 година), Одборот на Фондацијата на крајот од секоја година поднесува до Ректорската управа извештај за работата на Фондацијата и финансиски извештај.

 

Цели на Фондацијата

Целта на Фондацијата е, по пат на стипендирање, да помага на студенти кои покажуваат особени резултати во студиите, во нивното понатамошно образование, стручно оспособување и усовршување. Годишниот фонд за исплаќање на стипендиите на студентите се формира само од  приходите добиени како камата од средствата на Фондацијата.

 

Стипендии

Правото за добивање на стипендијата се остварува врз основа на јавно распишување на конкурси, по критериумите за студенти со послаба материјално-финансиска состојба, а кои покажуваат висо­ки резултати во студирањето. Стипендијата се доделува за 10 месеци во учебна година и без обврска на враќање.

Фондацијата „Константин Стојанов“ при Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е основана врз основа на тестаментот од 30.3.1973 година на покојниот г. Константин Стојанов од Франција, депониран во Професионалното нотарско здружение „Морис Демортро и Ксавиер Демортро здружени нотари“ во Париз, Република Франција, на 14 јуни 1973 година.

Основач на Фондацијата е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, застапуван од ректорот на Универзитетот. Одлуката бр. 08-945 од 31.12.1999 година, за основање на Фондацијата, е донесена на 45. седница на Универзитетската управа, одржана на 23.12.1999 година.

Фондацијата е правно лице кое ги остварува целите, правата, интересите и уверувањата за кои е основана преку стекнување и управување со средствата и имотот. Органи на Фондацијата се: Одбор и директор.

Своите цели и задачи Фондацијата ги остварува од средствата добиени врз основа на имотна маса обезбедена врз основа на тестаментот на покојниот донатор, г. Константин Стојанов, од износот што претставува дивиденда од акциите, како и од средствата добиени согласно со одредбите од Статутот.

Согласно со член 25 од Статутот на Фондацијата (бр. 22-708 од 9.11.2000 година и бр. 08-348 од 15.4.2011 година), Одборот на Фондацијата на крајот од секоја година поднесува до Ректорската управа извештај за работата на Фондацијата и финансиски извештај.

 

Цели на Фондацијата

Основни цели и задачи на Фондацијата се збогатување, унапредување и развивање на библиотечниот фонд и библиотечната дејност од областа на францускиот јазик и литература, школување кадри од оваа област на постдипломски и на докторски студии, како и остварување на други културни, научни, стручни, образовни и сл. цели од областа на франкофонијата, во рамките на остварувањето на дејноста, целите и задачите на основачот, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а во согласност со Уставот, законот, волјата на завештателот, г. Константин Стојанов, Одлуката за основање и Статутот.

 

Стипендии

Врз основа на јавно распишан конкурс се доделуваат стипендии на студенти кои се запишани и кои ќе се запишат на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на студиските програми по француски јазик и книжевност. Стипендијата се доделува за 10 месеци во учебна година и без обврска на враќање.

Фондацијата „Петар Стаматоф“ при Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е основана врз основа на лична желба на покојниот г. Петар Стаматов од Чикаго, САД. Одлуката бр. 08-658 од 20.10.1988 година, за основање на Фондацијата, е донесена на 228. седница на Универзитетскиот совет, одржана на 1.4.1988 година.

Фондацијата е правно лице кое ги остварува целите, правата, интересите и уверувањата за кои е основана преку стекнување и управување со средствата и имотот. Органи на Фондацијата се: Одбор и директор.

Согласно со член 19 од Статутот на Фондацијата (бр. 18-1038 од 3.12.1998 година, бр. 18-349 од 15.4.2011 година), Одборот на Фондацијата на крајот од секоја година поднесува до Ректорската управа извештај за работата на Фондацијата и финансиски извештај.

 

Цели на Фондацијата

Основни цели и задача на Фондацијата е да помага по пат на стипендирање студенти кои покажуваат особени резултати во студирањето за нивното натамошно образование, стручно оспособување и усовршување.

Фондацијата ГОРАН СТЕФАНОВСКИ за заштита и негување на делото на Горан Стефановски при Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е основана со Одлука бр. 02-610/10 од 26.4.2024 година, донесена на 9. седница на Универзитетскиот сенат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, одржана на  26.4.2024 година, на иницијатива на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Фондацијата е правно лице, чии органи се: Одбор, директор и секретар.

 

Цели на Фондацијата

Целта за основање на Фондацијата е заштита и негување на оставината на делото на Горан Стефановски, како трајна културна вредност, изразени преку:

  • публикување на објавени и необјавени трудови на и за Горан Стефановски, со цел подобрување на достапноста на неговото творештво на сите светски јазици и негова натамошна меѓународна афирмација;
  • градење на култура на одење во театар и однос кон драмските уметности кај најмладите;
  • промоција и поттикнување на македонското драмско творештво;
  • поттикнување, поддршка и афирмација на книжевни и театролошки истражувања и научни и публицистички проекти посветени на македонската драма и театар;
  • стипендирање на образованието во сите степени на талентирани ученици и студенти во областа на драмските уметности и во областа на филологијата со посветеност на изучување и истражување за македонската драма;
  • поддршка и унапредување на талентираните ученици, студенти и млади кои аматерски се занимаваат со филм и театар;
  • унапредување на формалното и неформалното образование за создавање и изучување драми;
  • организација на едукативни дебати, работилници, семинари и кампањи;
  • организација на уметнички и научни конференции;
  • активности за поттикнување, поддршка и развој на театарската и филмската критика и на книжевната критика посветена на драмското творештво;
  • меѓународни проекти преку кои ќе се афирмираат македонската драма, театрологија и книжевна наука (со акцент на драмското творештво);
  • проекти за афирмација на историјата и на трајните вредности на македонската драма и театар;
  • проекти преку кои ќе се истражува и афирмира делото и влогот на Горан Стефановски и со неговите остварувања во и надвор од театарот;
  • поттикнување архивирање и заштита на значајни материјали за македонската драма и театар;
  • хуманитарни проекти (главно од сценскоизведувачка и аудиовизуелна природа) за поддршка на ранливи категории.