Почетна | Новости | 25.02.2026


Промовирана универзитетската коалиција SUSTAINED во рамките на 8-та меѓународна недела посветена на целите за одржлив развој (SDGs) 2026 „Поттикнување на младинската извонредност“

Промовирана Универзитетската коалиција SustainED во рамките
на 8-та Меѓународна недела посветена на Целите за одржлив развој (SDGs) 2026 „Поттикнување на младинската
извонредност“

Вчера, 23 февруари 2026 година, на Филозофскиот факултет при
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје беше официјално воспоставена
Универзитетската коалиција SustainED – заедничка иницијатива на осум
акредитирани универзитети во партнерство со Обединетите нации, чија цел е
институционализирање и координација на придонесот на високото образование во
имплементацијата на Агендата 2030 и целите за одржлив развој (SDGs).
Воспоставувањето на Коалицијата се одржа во рамки на свеченото
отворање на 8-та Меѓународна недела 2026, која годинава се реализира под
наслов „Поттикнување на младинската извонредност: Придонесот на
општествените и хуманистичките науки во остварувањето на целите за одржлив
развој“.
Коалицијата SustainED претставувa заедничка платформа за интегрирање
на одржливоста во наставните програми, научно-истражувачката работа и
студентскиот ангажман. Преку оваа иницијатива, универзитетите ќе развиваат
интердисциплинарни пристапи и иновативни решенија за актуелните општествени
предизвици, зајакнувајќи ја улогата на високото образование во процесите на
одржлив развој на национално и регионално ниво.
Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р
Биљана Ангелова, истакна дека универзитетите имаат клучна одговорност во
обликувањето на одржливи и инклузивни општества.
„Извонредноста кај младите не се мери само преку академските
постигнувања, туку и преку етичката одговорност, критичкото мислење и активниот
придонес кон заедницата. Преку Центарот за одржлив развој и активната улога во
Универзитетската коалиција SustainED, Универзитетот ја институционализира
својата посветеност кон целите за одржлив развој,“ нагласи ректорката Ангелова.
Постојаниот координатор на Обединетите нации во Република Северна
Македонија, г-ѓа Рита Колумбија, ја поздрави иницијативата, нагласувајќи дека
партнерството со универзитетите е од суштинско значење за забрзување на
одржливиот развој.
„Младите луѓе се клучни носители на трансформацијата кон поодржливо и
поправедно општество. Преку оваа коалиција, академската заедница добива
структурирана можност активно да придонесува кон националните и глобалните
развојни приоритети,“ истакна Колумбија.

Членки на SustainED Коалицијата се: Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
во Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот на Југоисточна
Европа – Тетово, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот
„Мајка Тереза“ – Скопје, Интернационалниот Балкански Универзитет,
Универзитетот Американ Колеџ Скопје и Универзитетот во Тетово.
8-та Меѓународна недела 2026 („Fostering Youth Excellence: The Contribution
of Social Sciences and Humanities in Achieving the Sustainable Development Goals –
SDGs“), која опфаќа предавања, панел-дискусии и интерактивни сесии со учество
на истакнати професори, меѓународни експерти, претставници на агенциите на
Обединетите нации, дипломатски претставници и студенти од повеќе земји, има за
цел да поттикне продлабочена интердисциплинарна соработка и суштинска
размена на знаења во насока на одржлив и инклузивен општествен развој. Преку
академски дијалог и практични примери, Неделата ја афирмира улогата на
младите како клучни двигатели на позитивни општествени трансформации и
активни чинители во остварувањето на Агендата 2030, истовремено потврдувајќи
ја стратешката определба на УКИМ за квалитетно, одговорно и општествено
ангажирано високо образование.