Проректори | Проректор за наука

Проф. д-р Валентина Гечевска

 

Д-р Валентина Гечевска е родена на 9.9.1965 година, во Скопје.

На Машинскиот факултет во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се запишала во учебната 1984/1985 година, а дипломирала во 1989 година. Во учебната 1990/1991 година се запишала на постдипломски студии на Машинскиот факултет во Скопје, на Институтот за производно инженерство, а на почетокот на 1995 година се здобила со звањето магистер на машински науки. Докторската дисертација ја пријавила на Машинскиот факултет при УКИМ и ја одбранила во 2002 година, при што се здобила со звањето доктор на технички науки.

На Машинскиот факултет при УКИМ е вработена од 1990 година, каде што континуирано е избирана во сите наставно-научни звања. Во март 2012 година, со прв избор и во февруари 2017 година со повторен избор, се здобива со звањето редовен професор во областа производно инженерство, технологии, системи и индустриско инженерство и менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Машински факултет – Скопје, на Институтот за производно инженерство и менаџмент.

Нејзиниот истражувачки интерес е во областите: развој на нови производи, интелигентни производни процеси, CIM, PLM, Lean Manufacturing, Mass Customization, Industry 4.0, иновации и технолошки менаџмент, паметни производни технологии и управување на податоци, циркуларна економија и одржлив развој. Како професор на Машинскиот факултет при УКИМ во Скопје, ангажирана е на предметни програми на трите циклуси студии, ментор е на повеќе од 200 дипломски трудови, како и на повеќе од 80 магистерски трудови, член е на повеќе од 20 комисии за оценка и одбрана на докторски трудови и ментор е на 4 кандидати.

Од 2004 до 2008 ја извршувала функцијата продекан за наука, меѓународна соработка и развој на Машинскиот факултет при УКИМ и раководела со шест комисии на Наставно-научниот совет и Деканатската управа на Факултетот. Во периодот 2016 – 2020 година, д-р Гечевска е член на Универзитетскиот сенат на УКИМ, претставник од Машинскиот факултет во Скопје, и е именувана за член на Комисијата за наука на Универзитетот. Во периодот од 2020 до 2023 година ја извршувала функцијата проректор за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Раководител е на WEBLAB – Центар за далечинско учење – проектна единица при Машинскиот факултет во Скопје, кој го основала во 2007 година, во соработка со Техничкиот универзитет во Торино. Од октомври 2008 година, раководител е на Лабораторијата за компјутерски интегрирано инженерство – CIM (Computer Integrated Manufacturing) центар, на Институтот за производно инженерство и менаџмент на Машинскиот факултет при УКИМ. Од март 2011 година, го основала и од тогаш е раководител на Центарот за развој и менаџмент на животен циклус на производи, PLM (Product Lifecycle Management)-центар, проектна единица при МФС, кој го основала во 2011 година во соработка со Техничкиот универзитет во Торино и Универзитетот во Марибор.

Од 2010 година, основач и раководител е на студиската програма Менаџмент на животен циклус на производи, на втор циклус студии на Машинскиот факултет во Скопје, заедничка програма на четири универзитети од регионот (УКИМ, Универзитетот во Нови Сад, Универзитетот во Загреб и Универзитетот во Сплит), развиена на основа двојна диплома со Техничкиот универзитет во Торино.

Во 2006 година, како продекан, работела во тимот кој ја стартува првата интердисциплинарна студиска програма на УКИМ, Инженерство на животна средина, на прв циклус студии, според ЕКТС со двојна диплома со Универзитетот во Фиренца, раководена од Машинскиот факултет.

Избрана е за гостувачки професор за предмети на втор циклус студии на Факултетот за технички науки при Универзитетот во Нови Сад и на Машинскиот факултет при Универзитетот во Марибор.

Во дејностите од поширок интерес, учествува во комисии и работни групи при изготвување на извештаи, стратегии и акциони планови поврзани со стратешки документи, меѓу кои: Закон за безбедност на производите – транспозиција со Европската директива (2007), член на Работна група на Светска банка за Регионална стратегија на Западен Балкан за истражување и развој кон иновативност (2011 – 2013), Национална стратегија за индустриска политика (2018), Национален патоказ за циркуларна економија (во тек) и Стратегија за национален развој (во тек).

Член е на повеќе национални и меѓународни асоцијации, здруженија и комитети, кои се од професионален и општествен интерес, каде што значајни се следните кои поддржуваат научноистражувачки активности: поканет член на Европската академија за индустриски менаџмент (EAIM) (од 2022), Друштво на машински инженери (SME) (од 1995), Борд на Европска инженерска професионална мрежа (EPN Consulting, UK) (од 2008), Борд na OpenAIRE (од 2021), Борд на Европската PLM-асоцијација за научна, академска и индустриска соработка (PLM InNET, Italy) (од 2011), Работна група за напредни производни системи и развој на производи, на Техничкиот комитет за апликации на информациски технологии, при Интернационалната федерација за процесирање на податоци (IFIP) (од 2009), Меѓународна лабораторија за претприемачка интероперабилност (InterIP-Vlab, Belgium) (од 2009), ИКТ-експертска асоцијација на МАСИТ (од 2005), управен одбор на Метаморфизис (2005 – 2015). Од 2018 до 2023 година, член е на академскиот борд на Институтот „Конфуциј“ при УКИМ, унапредувајќи ги научноистражувачките соработки со академските институции во Кина. Еден е од иницијаторите и од 2021 година, член е на Советот на ЦеНИИс – Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања, кој ја обединува македонската научна дијаспора, со можности за научна и меѓународна соработка со УКИМ, како и афилираност кон УКИМ.

Во својата професионална кариера, д-р Гечевска објавила над двесте (200) научни трудови, рецензирани и печатени во зборници на меѓународни конгреси, конференции и симпозиуми. Автор е над 60 научни трудови, објавени во меѓународни научни списанија, при што 23 се со фактор на влијание, во публикации индексирани во базата на Web of Science на Clarivate Analytics.

Уредник е на 7 научни монографии објавени во странство, од страна на Универзитетот во Марибор, Словенија и Техничкиот универзитет во Торино, Италија, и автор или коавтор е на 30 поглавја во научните монографии.

Во периодот 2004 – 2010 била уредник на научното списание „Машинско инженерство“, во издание на Машинскиот факултет при УКИМ, кое во тој период го издига од зборник во меѓународно научно списание, задржувајќи ја меѓународната индексација со претходниот континуитет од 35 години.

Активен член е на уредувачки одбори на четири меѓународни научни списанија од издавачи во странство, две списанија индексирани во базата на Web of Science на Clarivate Analytics и две во базата на SCOPUS, на Elsevier.

Во кариерата учествува како член или претседател на научен или програмски одбор на бројни меѓународни научни конференции, со рецензирани зборници на трудови.

Постојан рецензент е на реномирани меѓународни научни списанија, голем дел од нив со фактор на влијание на WoS (за издавачи: Taylor&Francis, Elsevier, IEEE и др.). Рецензент е на научни трудови за зборници на меѓународни конференции, за меѓународни и национални публикации, како и рецензент на осум учебници за високо образование и четири за средно образование.

Kако евалуатор на проектни апликации, учествува во евалуациони бордови на повеќе меѓународни проектни програми и институции кои поддржуваат истражувачки програми (FP7, Horizon 2020, EIT Manufacturing, Estonian Science Foundation (ETF), INCO, COST,  Bureau of German Federal Ministry of Education and Research (BMBF), EC Executive Agency for Innovation (EAI)).

Реализирала повеќе од 40 студиски престои во странство (докторски истражувања на Државниот универзитет на Орегон, САД; постдокторски студии на Техничкиот универзитет во Торино, Италија; специјализација за Јапонска индустриска политика и производен менаџмент, на Јапонската агенција за интернационална соработка во Сапоро, Јапонија; PhD-нострификациска програма на Универзитетот во Марибор и Министерството за наука и технологија на Словенија; специјализации на универзитетите во Виена, Ајндховен, Торино, Прага, Братислава и Љубљана, студиски престои во земјите од регионот, како и во Германија, Грција, Италија, Холандија, Кина и др.).

Раководител/учесник e во повеќе од 30 меѓународни научноистражувачки и развојни проекти од различни донаторски програми (FP6, FP7, CIP, Horizon 2020, Horizon Europe, Life, EIT HEI, EIT Manufacturing, COST, IPA, ADA, CEI, WB, UNDP).

Раководител/учесник e во повеќе од 20 меѓународни проекти од образовни програми (TEMPUS, CEEPUS, Erasmus+).

Раководител/учесник e во повеќе од 50 проекти за трансфер на технологии, R&D, развој и иновации во компаниите, поддржани од меѓународни (GTZ, EAR, GFA, WB, UNDP) и домашни програми.