8 Декември – Ден на свети Климент Охридски
Во Македонија, 8 Декември е државен празник посветен на свети Климент Охридски – првиот словенски писател, просветител и епископ, како и основач на прочуената Охридска книжевна школа. Заедно со св. Наум, тој бил најзначајниот ученик на светите Кирил и Методиј и нивен најупорен следбеник во мисијата за зачувување и афирмација на словенскиот јазик во Велика Моравија.
Се смета дека св. Климент ја оформил кирилицата, создавајќи ја врз темелите на грчката азбука, но прилагодена кон звуковниот систем на словенските народи.
Освен како духовник и учител, Климент оставил зад себе и богато книжевно творештво. Денес, неговото име го носат многубројни институции, храмови и училишта – од Националната и универзитетска библиотека, Педагошкиот факултет при УКИМ и Соборниот храм во Скопје до Универзитетот во Битола. Во Македонија се доделува и државна награда „Св. Климент Охридски“ за значајни достигнувања во образованието, културата, науката и здравството.
Свети Климент е и заштитник на Охрид. Според народните преданија, неговиот дух се појавувал секогаш кога градот бил во опасност и го штител од несреќи.
Честит празник!✨


Бул. „Гоце Делчев“ бр. 9, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
ukim@ukim.edu.mk
3293-293 (централа)