Средба со ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова и учесниците од Еразмус проектот: БИОМАТ – Подобрување на наставните компетенции во дизајнот на биоматеријали од новата генерација од дрвен отпад

Денес, во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје беше одржана средба со ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова и учесниците од Еразмус проектот: БИОМАТ – Подобрување на наставните компетенции во дизајнот на биоматеријали од новата генерација од дрвен отпад. Дванаесет учесници во овој проект од Технолошко-металуршки факултет од Скопје, KTH Royal Institute of Technology (Стокхолм, Шведска) и Maria Curie-Skłodowska University (Лублин, Полска) ја запознаа ректорката Ангелова со прогресот на овој проект, како и идните активности. Исто така беше разговарано за продлабочување на соработката меѓу овие три институции.
Целта на БИОМАТ проектот е зајакнување на соработката меѓу партнерските институции, како и споделување на експертизата во управувањето со отпад и иновативното производство на биоматеријали за еколошки апликации. Особено внимание е посветено на создавање на иновативни наставни материјали за изучување на употребата на биоматеријали од отпадот од индустријата за пулпа и хартија, како и глобална иновација со разновидни економски примени. Во рамките на овој проект е објавена е-книга, „From biomass to functional materials: advances in lignin isolation, characterisation and applications”, а дополнително, членовите на БИОМАТ проектот беа наградени со сребрен медал во Green Economy category за иновативност на International Invention and Technology exhibition InnoWings 2025 во Лублин.

Проф. д-р Драги Димитриевски повторно избран за претседател на Универзитетскиот сенат на УКИМ

На 22. седница на Универзитетскиот сенат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, одржана на 30 јуни 2025 година, беше спроведена постапка за избор на претседател на Сенатот поради истекување на претходниот мандат.
Членовите на Сенатот, со тајно гласање, ја потврдија довербата на единствениот кандидат предложен од своите редови – проф. д-р Драги Димитриевски, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.
Врз основа на резултатите од гласањето, Универзитетскиот сенат донесе Одлука со која проф. д-р Димитриевски повторно е избран за претседател на Сенатот за мандатниот период од 30 јуни 2025 до 29 јуни 2026 година. Согласно ЗВО и Статутот на УКИМ, овој избор е без право на повторен мандат.

23 факултети, безброј можности. Избери паметно, избери го УКИМ!

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ги известува сите заинтересирани кандидати дека:

Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии на студиските програми на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во учебната 2025/2026 година е објавен на следниот линк Прв циклус – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Конкурсот за запишување студенти на втор циклус студии на студиските програми на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во учебната 2025/2026 година е објавен на Втор циклус – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Пред пријавувањето во роковите утврдени со Конкурсот, секој заинтересиран кандидат треба да се регистрира на www.upisi.ukim.mk и да ја пополни електронската пријава од iKnow-системот.