Почетна | Новости | 16.08.2025


Дел од обраќањето на ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова на отворањето на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура на 15.08.2025

„Јазикот е сржта на идентитетот, а народот што говори на свој јазик постои и тој што постои – зборува.“ – истакна таа, потсетувајќи дека во јазикот се чува минатото, живее сегашноста и се сонува иднината.

„Македонскиот јазик е дел од богатата европска лингвистичка мапа, која денес брои околу 230 живи јазици. Тој е гласот на милиони Македонци – во татковината и во дијаспората – и токму преку вас, семинаристите, македонскиот јазик, литература и култура добиваат свои најдостојни светски промотори.“

„Меѓународниот семинар низ годините изгради мост меѓу генерации: многумина денешни признати македонисти и слависти ги направија своите први чекори токму тука.“

„Зборовите изговорени на јазик што човекот го разбира, допираат до умот, а зборовите изговорени на мајчин јазик – до срцето.“ – истакна, потсетувајќи дека јазикот не е само средство за комуникација, туку мост кон душата.

„Нашите срца се исполнети со радост кога ве слушаме како зборувате на македонски јазик. Тоа е најголемата награда и поттик за сите што се грижат за неговото опстојување.“