Документи | Заштита на лични податоци

 

ПРОЦЕДУРА ЗА ПРАВО НА ПРИСТАП И ИСПРАВКА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ НА СУБЈЕКТИТЕ НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ


Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (во понатамошниот текст – Универзитетот) во рамките на својот делокруг на работење, а со цел извршување на својата основна дејност во доменот на образованието и науката, врши собирање, чување и обработка на лични податоци.

Од аспект на заштита на обработката на личните податоци, Универзитетот е Контролор на лични податоци, а Субјекти на лични податоци се кандидатите за запишување заради студирање на Универзитетот, лицата кои имаат статус на запишани студенти или некогаш во минатото имале таков статус, како и лица кои се или биле вработени на Универзитетот.

Процедурата ги опишува постапките за поднесување на барање од страна на субјектот на лични податоци за издавање на информации за обемот и целта на обработка на неговите лични податоци од страна на Универзитетот, како и за промена, дополнување или бришење на дел од неговите лични податоци.

 

Запирање на обработка на личните податоци


Кога личните податоци се обработуваат со цел

извршување на работи од јавен интерес или на службено овластување на Универзитетот или на трето лице на кое му се откриени податоците или

исполнување на легитимните интереси на Универзитетот, трето лице или лице на кое податоците му се откриени, освен ако слободите и правата на субјектот на лични податоци не преовладуваат над таквите интереси

субјектот на лични податоци има право да побара запирање на обработката на неговите лични податоци.

Ако барањето е основано, Универзитетот е должен да ја запре натамошната обработка на личните податоци.

За таа цел постои посебен образец, Барање за запирање на обработката на личните податоци (Прилог 2), објавено на Интернет страната на Универзитетот.

Субјектот на лични податоци може да го достави Барањето до матичната единица (факултет, институт или друга придружна членка) во рамките на Универзитетот или во Ректоратот на Универзитетот, и истото потоа се проследува до Офицерот за заштита на личните податоци кој ги собира потребните информации за обработка на личните податоци на субјектот и доставува одговор на Барањето.

 

Измена, дополнување или бришење на личните податоци


По барање на субјектот на лични податоци или кога Универзитетот ќе утврди дека  личните податоци се нецелосни, неточни или неажурирани, односно доколку нивната обработка не е во согласност со законските одредби,  тој е должен да ги дополни, измени, избрише или да го сопре користењето на личните податоци.

Кога барањето доаѓа од определен субјект на лични податоци, тој тоа го документира на за таа цел посебен образец, Барање за дополнување, измена или бришење на информации за обработка на личните податоци (Прилог 3), објавено на Интернет страната на Универзитетот.

Субјектот на лични податоци може да го достави Барањето до матичната единица (факултет, институт или друга придружна членка) во рамките на Универзитетот или во Ректоратот на Универзитетот, и истото потоа се проследува до Офицерот за заштита на личните податоци кој ги собира потребните информации за обработка на личните податоци на субјектот и доставува одговор на Барањето.

За извршеното дополнување, измена или бришење наличните податоци, Универзитетот е должен најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето писмено да го извести субјектот на лични податоци, корисниците на лични податоци или трети лица на кои им се откриени личните податоци, освен ако тоа не е возможно или ако тоа бара несразмерен напор или трошок.

 

Ограничувања на правата на субјектот на лични податоци


Правата на субјектот на лични податоци утврдени во претходните точки можат да се ограничат во посебни случаи кога со нивното практикување ќе се загрози остварувањето на обврските на Универзитетот предвидени со закон, и тоа:

  • за заштита на безбедноста и одбраната на државата;
  • заради откривање и гонење на сторители на кривични дела;
  • заради заштита од повреда на етички правила на одредена професија;
  • заради заштита на важни економски или финансиски интереси на државата;
  • заради заштита на важни економски или финансиски интереси на Европската унија и
  • заради заштита на правата и слободите на субјектот на лични податоци или правата на другите физички лица.

Универзитетот нема да постапи по барањето за доставување на информации за обработка на личните податоци од страна на субјектот на лични податоци кога е овластен согласно со закон и ако личните податоци се обработуваат исклучиво во научно истражување или ако се собрани исклучиво за утврдени статистички цели и се чуваат за период што не го надминува периодот потребен за единствена цел за создавање на статистички податоци.

 

Права на субјектот на личните податоци


Кога податоците се прибираат од субјектот на лични податоци тој мора да биде информиран за:

  • идентитетот на контролорот и неговиот овластен претставник во Република Северна Македонија, ако го има;
  • целите на обработката;
  • корисниците или категориите на корисници на личните податоци;
  • задолжителноста на давање на одговори на прашања кои вклучуваат лични податоци;
  • можните последици ако не се даде одговор и
  • постоењето на право на пристап и право на исправка на неговите лични податоци.

Кога податоците не се прибираат од субјектот на лични податоци, Универзитетот во времето на евидентирање на личните податоци, а ако е предвидено личните податоци да бидат откриени на трето лице најдоцна до моментот кога податоците првпат се откриени, мора да го информира субјектот на лични податоци за:

  • идентитетот на контролорот и неговиот овластен претставник во Република Северна Македонија, ако го има;
  • целите на обработката;
  • категориите на податоци;
  • корисниците или категориите на корисници на личните податоци и
  • постоењето на право на пристап и право на исправка на податоците што се однесуваат на субјектот на лични податоци.

Универзитетот нема обврска да го информира субјектот на лични податоци, за обработка на личните податоци за историски, научни или статистички цели, ако:

  • истото е невозможно или бара несразмерен напор или трошоци или
  • собирањето односно откривањето на личните податоци е утврдено со закон.

 

Барање на информации од страна на субјектот


Субјектот на лични податоци може да побара од Универзитетот да го информира:

  • дали се врши обработка на неговите лични податоци;
  • за целите и правната основа на обработката на личните податоци и корисниците или категориите на корисници на кои им се откриваат личните податоци;
  • за личните податоци во врска со субјектот на личните податоци и изворот на податоци и
  • за логиката на автоматизирана обработка, во случај на одлука донесена врз автоматска обработка, која има влијание врз субјектот на лични податоци.

За таа цел постои посебен образец, Барање за доставување на информации за обработка на личните податоци (Прилог 1), објавено на Интернет страната на Универзитетот.

Субјектот на лични податоци може да го достави Барањето до матичната единица (факултет, институт или друга придружна членка) во рамките на Универзитетот или во Ректоратот на Универзитетот, и истото потоа се проследува до Офицерот за заштита на личните податоци кој ги собира потребните информации за обработка на личните податоци на субјектот и доставува одговор на Барањето.

Универзитетот е должен да одговори на уредно доставеното барање од страна на субјектот на лични податоци во рок од 15 дена од денот на приемот на истото.

Доколку Универзитетот еднаш одговорил на ваквото барање од страна на субјектот на лични податоци, нема обврска повторно да одговори на исто или слично барање на тој субјект, ако во меѓувреме нема промени во неговите лични податоци, освен ако изминале шест месеци од денот на доставувањето на претходното барање до новото барање.

 

Документи

  1. Процедура за пристап и исправка на лични податоци
  2. Образец за барање за пристап и исправка на лични податоци