Почетна | Новости | 25.11.2025


Факултетот за ликовни уметности и Фонтис академијата со заедничка работилница за уметничко истражување

На 24 ноември на Факултетот за ликовни уметности – Скопје се одржа предавање и специјализирана работилница која што ја водеа професорот Фалк Хубнер и истражувачката Хелен де Хун од Фонтис академијата за уметности (Fontys Academy of the Arts) од Холандија

Работилницата имаше за цел да ги претстави основните принципи на уметничкото истражување и да ги воведе учесниците во првите практични чекори на неговата примена. Таа беше наменета за студенти по уметност, активни уметници и уметници-педагози од сите области и нивоа на искуство кои сакаат да го продлабочат своето знаење и да ја истражат улогата на уметникот како истражувач. Настанот се одржа во библиотеката и предавалната на Факултетот за ликовни уметности, во кампусот „Педагошка“. 

Во текот на работилницата, учесниците поминаа низ мини-циклус на уметничко истражување, разгледувајќи ги фазите: формулирање истражувачко прашање, дефинирање метод, дизајнирање експеримент и претставување резултати. Преку овој процес, тие го истражија преминот од уметник како практичар, кон уметник како истражувач – учејќи како да ја претворат почетната љубопитност во јасно и издржано истражувачко прашање и како да развијат соодветен методолошки пристап. 

Работилницата заврши со кратки презентации, на кои учесниците ги споделија своите уметнички и перформативни резултати. Настанот беше базиран на најновата публикација со отворен пристап на Фалк Хубнер „Method, Methodology and Research Design in Artistic Research: Between Solid Routes and Emergent Pathways“, како и на методолошките пристапи развиени во рамките на магистерската програма Performing Public Space и истражувачката група Artistic Connective Practices, при Фонтис академијата.