Почетна | Новости | 17.05.2025


Меѓународен успех: Нашиот тим со награден постер на конференцијата MATERIALS 2.0 во Кембриџ, Обединетото Кралство

Со особена чест и гордост ве информираме дека интердисциплинарниот тим составен од проф. д-р Бети Андоновиќ и проф. д-р Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Виктор Андоновиќ, докторанд и млад истражувач на Институтот „Јожеф Стефан“ во Љубљана, Словенија (дипломиран инженер на ФЕИТ, УКИМ), учествуваше на првата меѓународна конференција MATERIALS 2.0, која се одржа на 28 и 29 април 2025 година во Кембриџ, Обединетото Кралство.

Во рамките на конференцијата, тимот имаше чест да учествува со пленарно предавање по покана и научна постерска презентација, а постерот што го претставија беше наградeн како најдобар во конкуренција од дваесетина презентации од реномирани светски универзитети.

Конференцијата се одржа во академска соработка со Distinguished Research Professor R. Vasant Kumar од Department of Materials Science на University of Cambridge и д-р Athan Fox, претприемач и основач на стартапите Regenerate Technology Group (САД) и Ever Resource (Обединето Кралство). Настанот претставуваше значајна платформа за вмрежување и размена на знаења, под мотото:
„Иновативен пристап кон заштитата на животната средина преку практики што активно ја обновуваат и ревитализираат нашата планета!“

Победничкото истражување е резултат на долгогодишна и посветена соработка меѓу членовите на тимот, а визуелниот квалитет и впечаток на постерот беше збогатен со дизајнот на Горан Златевски од Magnet Moment.

Искрени честитки до целиот тим за добиеното признание и за извонредното и достоинствено претставување на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на оваа престижна меѓународна научна платформа!