На Факултетот за музичка уметност се одржа работилница со Симфониските оркестар на Американскиот универзитет „Јеил“
Работилницата, која беше дел од нивната балканска турнеја за 2025 година, се реализираше во заедништво со симфонискиот оркестар на Факултетот за музичка уметност, во кој учествуваа студентите од катедрата за гудачки, дувачки, удирачки и клавишни инструменти. На работилницата беа изведувани два става од свитата „Star Wars“ на Џон Вилијамс, а двата оркестра кои на работилницата се обединија во еден, музицираа со совршена прецизност и леснотија.
Оркестарот на Американскиот универзитет „Јеил“ е ансамбл воден од факултетски кадар, чие членство брои околу 100-тина музичари. Oснован e во 1965 година од група студенти, кои виделе потенцијал за голем симфониски оркестар во рамките на кампусот. Со дух на промовирање нова музика и изведби на недоволно застапени композитори, покрај стандардниот репертоар, оркестарот станал место за студенти кои сакаат да бидат оркестарски музичари на професионално ниво, а притоа користејќи ги сите можности кои Јејл ги нуди, како институција.
Симфонискиот оркестар има одржано голем број концерти и турнеи ширум светот и соработува со славни имиња од класичната музичка сцена како Јо-Јо Ма, Најџел Кенеди, Емануел Акс и многу други. Денес се смета за еден од најважните младински оркестри во САД. Со Симфонискиот оркестар диригира Маeстро Вилијам Ботон, основач на Англискиот симфониски оркестар (ЕSО).
Инаку, Факултетот за музичка уметност – Скопје секогаш се стреми кон развивање плодна соработка во насока на презентација и промоција на достигнувањата на студентите од ФМУ, но и создавање платформи за соработка и остварување на заеднички проекти со факултетите во земјата и странство, за што одржаната работилница е значаен пример.