Почетна | Новости | 03.03.2025


РАБОТИЛНИЦА ЗА КОНЗЕРВАЦИЈА на уметнички дела

На Факултетот за ликовни уметности – Скопје, УКИМ, се одржа тридневна меѓународна научно-уметничка работилница за конзервација со наслов „Од диjагностика до конзервација: Напредни методи за анализа и чистење на уметнички дела“, која траеше од 18 до 20 февруари 2025 година. На работилницата учествуваа 17 студенти, а предавачи и обучувачи беа проф. д-р. Стаматис Бојатзис, проф. д-р Екатерини Малеа, проф. д-р Георгиос Панагиарис, проф. д-р Василике Аргиропулос, проф. д-р Ставрула Рапти од Катедрата за конзервација на антиквитети и уметнички дела при Универзитетот на Западна Атика (UNIWA) од Атина, Грција, во рамките на програмата ЕРАЗМУС+. Главната цел на работилницата беше да се обезбедат практични знаења и диагностички техники за зачувување на уметничките дела за студентите кои го изучуваат изборниот предмет Реставрација и конзервација под менторство на доц. м-р Марија Сотирвска Богдановска.

Студентите се обучуваа за користење на микроскопски техники за испитување на оштетени предмети, како и за примена на напредни дијагностички методи, како што се XRF и FTIR спектроскопија. Акцент беше ставен на работа со хидро гелови за чистење на материјали и електрохемиски методи за заштита на метални и сребрени предмети. Во теоретскиот дел, студентите беа запознаени со важноста на етичкиот аспект во работата на конзерваторите и со разни методи на молекуларна анализа. Практичниот дел од работилницата вклучуваше работа со микро-домени, примена на хидро гелови и обработка на метални и сребрени предмети со електрохемиски методи. Студентите имаа можност да работат со чувствителни материјали и да стекнат непосредно искуство во примена на конзерваторски техники.

Работилницата не само што ја зголеми практичната способност на студентите, туку исто така овозможи размена на знаења помеѓу студентите и професорите. Студентите добија јасен увид во актуелните методи за заштита на уметнички дела и важноста на правилната дијагностика за избор на соодветни техники и методи на конзервација.

Се издвои потребата од модернизација на конзерваторската лабораторија, што ќе обезбеди подобри услови за работа и безбедност при работа со хемикалии. Работилницата беше успешна и ќе продолжи да има позитивен ефект на развојот на конзерваторската практика на ФЛУ.