Центри | Комуникациски центар

Универзитетски комуникациски центар


Универзитетскиот комуникациски центар (УКЦ) е организациона единица на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, формирана со Одлука на Универзитетскиот сенат. Центарот е создаден како резултат на трансформацијата на Универзитетското радио Студент ФМ 92,9 во современа мултимедијална платформа, прилагодена на потребите на новите генерации студенти и на динамичниот дигитален медиумски простор.

УКЦ претставува централно место каде што се спојуваат технологијата, студентската креативност и академската активност. Преку иновативни медиумски формати и современи дигитални алатки, центарот нуди платформа за споделување знаење, отворање дискусии и претставување на идеите и достигнувањата на студентите и академскиот кадар на УКИМ.

Центарот служи како јадро за сите интерни и екстерни комуникациски активности на универзитетот. Тој се грижи за координацијата на комуникациите на УКИМ, за управувањето со универзитетскиот бренд и идентитет, за градење односи со медиумите, студентите, вработените, алумните и другите заинтересирани страни, како и за кризна комуникација кога е потребно.

Програмските активности на УКЦ се реализираат преку повеќе медиумски и едукативни содржини: студентската емисија „УКИМ Неделник“, студентската емисија „Студентски пулс“, студентскиот гласник „Авангарда“, видео серијалот „Академски приказни“ и едукативните мултимедијални работилници. Медиумската продукција се реализира во соработка со Центарот за иновации во медиумите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

 

УКИМ Неделник


„УКИМ Неделник“ е редовна неделна видео емисија која се емитува на официјалниот YouTube канал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Емисијата ја информира студентската и академската заедница за најважните настани и активности кои се одржале на УКИМ во изминатата недела, како и за настаните кои следуваат.

Емисијата е структурирана во три сегменти. Првиот сегмент покрива настани и активности на факултетите, вклучувајќи конференции, значајни средби, потпишани меморандуми, натпревари, проекти, спортски и културни настани. Вториот сегмент ги пренесува активностите на факултетските и Универзитетското студентско собрание, донесени одлуки, реализирани проекти и успеси на студенти. Третиот сегмент содржи најави за идните настани и активности на единиците на УКИМ.

„УКИМ Неделник“ е достапна на YouTube, со кратки промотивни видеа на Instagram, Facebook и TikTok.

 

Студентски пулс


„Студентски пулс“ е универзитетска емисија наменета за студентите на УКИМ и пошироката академска заедница. Емисијата обезбедува платформа за споделување на академски искуства, универзитетски вести и интелектуални дискусии, комбинирајќи информативен и забавен карактер.

Во емисијата се обработуваат теми од различни дисциплини: образование, технологија, одржлив развој, психологија, култура, младинско претприемништво и студентски стандард. Во епизодите учествуваат гости од академската, младинската и граѓанската сцена, но и претставници на бизнис секторот, кои преку интервјуа и дискусии придонесуваат за квалитетот на програмата.

Емисијата е достапна на YouTube, со кратки промотивни содржини на Instagram, Facebook и TikTok.

 

Студентски гласник „Авангарда“


„Авангарда“ е дигитален студентски гласник создаден со цел да овозможи платформа за споделување академски искуства, универзитетски вести и интелектуални дискусии. Гласникот го поттикнува чувството на заедница меѓу студентите и професорите, овозможувајќи вмрежување и соработка.

Објавите во „Авангарда“ опфаќаат квалитетни истражувања, проекти, културни настани и студентски иницијативи, на теми од наука, спорт, финансии, култура, студентски стандард и кариерен развој. Со фокус на дигитализацијата и мултимедијалните алатки, гласникот користи современи методи за промоција и дистрибуција преку веб-страницата на Универзитетското студентско собрание и профилот на Instagram.

 

Академски приказни


„Академски приказни“ е серијал од кратки видеа во форма на интервју кои го осветлуваат успехот и инспиративните приказни на професори, студенти и истражувачи на УКИМ.

Целта на серијалот е да создаде платформа преку која академската заедница споделува искуства и инспирации, мотивирајќи ги другите кон слични достигнувања. Форматот на неформални интервјуа создава атмосфера на пријателски разговор, овозможувајќи отворена и искрена размена на идеи. Преку оваа продукција се промовира силата на колаборацијата и размената на знаења во обогатување на универзитетската средина.

„Академски приказни“ се објавуваат на Instagram, TikTok и Facebook.

 

Едукативни мултимедијални работилници


Едукативните мултимедијални работилници се насочени кон развивање на практични вештини меѓу студентите преку иновативни обуки и работилници. Тие опфаќаат различни аспекти на мултимедијата: графички дизајн, видео обработка и фотографија, јавен говор и дигитален маркетинг.

Работилниците им овозможуваат на студентите да стекнат практично искуство со кое ќе се подготват за предизвиците на модерниот мултимедијален свет. Како предавачи учествуваат професори и професионалци од областа, обезбедувајќи висок квалитет на содржината и непосредна поврзаност со индустријата.

 

Центар за иновации во медиумите


Центарот за иновации во медиумите, сместен на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, претставува практична лабораторија за медиумска продукција и истовремено е просторот во кој се реализираат медиумските продукти на Универзитетскиот комуникациски центар.

Студиото е опремено со современа технологија за снимање, монтажа и уредување на содржини. Програмите се насочени кон поттикнување на креативноста и стекнување на практични вештини за медиумска комуникација. Студентите добиваат можност да работат на реални проекти, подготвувајќи се за предизвиците во професионалниот свет.

Просторот е отворен за сите студенти на Универзитетот.