Почетна | Новости | 23.10.2025


Проф. д-р Ала Шешкен промовирана во professor honoris causa на УКИМ

На 22 октомври, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, ѝ го додели високото признание – звањето почесен професор (professor honoris causa) на проф. д-р Ала Шешкен, од Филолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“, Москва. Признанието беше доделено во знак на признание за афирмацијата на Универзитетот и на нашата држава во меѓународното опкружување, севкупните достигнувања во научноистражувачката и наставно-образовната дејност на Универзитетот и афирмацијата на македонскиот јазик, книжевност и култура.

Проф. д-р Ала Шешкeн е истакнат професор, славист, компаративист, толкувач и промотор на македонскиот јазик и литература. Од 2006 година, проф. Шешкен е член на Македонската академија на науките и уметностите. Во својата повеќедецениска наставно-образовна активност држи предавања од областа на македонската литература на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“, со што претставува втемелувач на македонистиката во Русија.

Проф. д-р Ала Шешкен соработува со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и со Институтот за македонската литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и активно учествува на Меѓународниот семинар за македонски jазик, литература и култура во Охрид.

Доделувањето на звањето почесен професор претставува израз на благодарност за нејзиниот стручен придонес, искрена посветеност и континуирана поддршка во промоцијата и вреднувањето на македонскиот јазик, литература и култура.