ФЛУ Скопје со меѓуакадемската изложба „Нишки / Threads“ гостува во Белград
На 12 декември 2025, со почеток во 19 часот, во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Белград, бeше отворена изложбата „Нишки / Threads“, најновиот резултат од соработката меѓу Факултетот за ликовни уметности во Скопје и Факултетот за ликовни уметности во Белград. Изложбата ќе биде достапна за посетителите до понеделник, 29 декември 2025 година.
„Нишки“ претставува мултимедиумска поставка со дела од тринаесет постдипломци од сите студиски програми на ФЛУ – Скопје. Со нејзиното отворање, Галеријата на ФЛУ во Белград повторно се активира како простор за современи уметнички дијалози, потврдувајќи ја важноста на институционалната размена, мобилноста и унапредувањето на современите уметничко-истражувачки практики.
Преку проектот „Нишки“, магистерските студенти на ФЛУ – Скопје ги преточуваат своите индивидуални уметнички истражувања во заедничко мисловно ткаење, како што формулира деканката проф. Јанешлиева во воведниот текст од придружната публикација. Насловот функционира како метафора — линија на поврзување која ги спојува различните медиуми, тематски простори и визуелни јазици, како и методологиите и истражувачките процеси на двата факултети.
Проектот претставува значајна платформа за развој на критичко мислење, иновативност и професионални компетенции кај студентите, поттикнувајќи заеднички интердисциплинарни иницијативи кои ги афирмираат современите уметнички модели во високото образование. На подолг рок, ваквото транснационално вмрежување меѓу уметничките академии и културните институции ја зајакнува динамиката на современата уметничка сцена, ја негува слободата на уметноста и го поддржува духот на солидарност и заемна поддршка.
„Нишките се емоционални резонанци на младите. Постои ли нешто поважно?“ – се вели во концепциската рамка на изложбата, која го истакнува токму чувствителниот, современ и ангажиран поглед на новата генерација македонски визуелни уметници.
Со свои дела се претставуваат: Доротеј Нешовски, Ангела Савеска, Кристина Таневска, Марија Трпеска, Дорина Тенева, Мартина Спасовска, Андреј Антевски, Ана Лазаревска, Елена Димова Пантелиќ, Стефан Јакимовски, Михаил Паскоски, Беркант Хасаничај и Елена Димоска.










Бул. „Гоце Делчев“ бр. 9, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
ukim@ukim.edu.mk
3293-293 (централа)