Почетна | Новости | 04.03.2026


Изложба на графичка мапа и нејзина постојана поставка „Ѕид на Креативна азбука“

Проектот „КРЕАТИВНА АЗБУКА“, финансиран од средствата за информативни, културни, спортски,  студентски сервиси и други активности на Универзитетот „Св. Кирил и МЕтодиј“ во Скопје и реализиран во 2025 година, има мултидисциплинарен карактер и ги опфаќа областите на ликовната уметност и педагогијата. Посебната специфика на проектот е мултидисциплинарен вмрежување и реализација во соработка помеѓу Факултетот за ликовни уметности и Филозофскиот факултет во Скопје, Институтот за педагогија. За таа цел, при реализација на проектот беа вклучени професори од соодветните области, стручњак од педагошката/наставната пракса и студенти од Факултетот за ликовни уметности. 

Во согласност со развојните карактеристики, учениците од раноучилишна возраст најдобро учат во „целина“, преку слики и колоритни илустрации, претставени на креативен начин. Овој концепт на учење овозможува интегриран пристап при постигнување на целите на наставните предмети Македонски јазик и Ликовно образование, за стекнување на знаења и развивање на вештини. Поаѓајќи од концептот за учење во „целина“, се започна со реализација на мултидисциплинарен проект, кој по својата оригиналност е прв во нашата земја. 

Проектната идеја е на универзитетски професори, кои ја менторираа целокупната практичната реализација на проектот, со вклучување на студенти од Факултетот за ликовни уметности и остварување на оригинално графичко решение на креативна мапа со 31 уметничко дело. Притоа, секоја креативно илустрирана буква од македонската азбука е претставена со посебно уметничко дело. Уметничките дела, со кои се претставени 31 буква, ја сочинуваат графичката мапа „Креативна азбука“. 

Како резултат на проектот „Креативна азбука“, се организира Изложба на графичката мапа и нејзина постојана поставка, насловена „Ѕид на Креативна азбука“, која ќе биде изложена во просториите на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дополнително, во подготовка се уште две постојани поставки, кои се планира да бидат изложени во просториите на Факултетот за ликовни уметности и на Филозофскиот факултет во Скопје. 

Ваквиот креативен, уметнички и оригинален начин на претставување на буквите од македонската азбука, претставува развивање на педагошките, методочките и уметничките компетенции на студентите за изработка на современи методичко-дидактички средства и материјали со цел ефикасна примена во наставата, но и во слободното време на учениците. Преку проектот „Креативна азбука“, студентите се поттикнуваат да создаваат креативни дела, чија крајна цел е поттикнување на љубопитноста кај учениците за јазично и уметничко „описменување“, а истовремено развивајќи ја љубовта и интересот за изучување на македонскиот јазик и уметноста.

Дополнително, преку холистичкиот пристап меѓу единиците, проектот промовира добри практики за развивање на современи педагошки компетенции за идните наставници по ликовно образование и педагози, како и осовременување на практичната работа на студентите.

Раководители на проектот „Креативна азбука“ се д-р Фехим Хусковиќ, професор на Факултет за ликовни уметности и д-р Елизабета Томевска-Илиевска, професор на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Како стручен сораборник, беше ангажирана м-р Маја Јаневска, одделенски наставник.

При реализацијата на проектот, беа вклучени студентите од Факултетот за ликовни уметности:

Јована Ангелкоска (Р, У) Ања Стојадиновска (А, З, Ќ, Л, Љ)
Ванеса Ода (В, О) Вилијам Стојановски (И, Х)
Јана Бутеска (Ј,Б) Дарко Бојовски (Д, Е)
Ана Гошева (Ѕ, Ч) Марија Димшоска (М, Н)
Софија Костова (С, К) Ева Пецакова (Ѓ, Ц)
Марко Поповиќ (П, Т) Ана Паноска (Г, Ж)
Јана Стојкова (Ш, Ф) Шабовиќ Ајла (Њ, Џ)