Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, заедно со партнерски институции од државата, ќе го реализира проектот GREENSTARS за промоција на науката, истражувањето и иновациите
Со особено задоволство ја информираме јавноста дека нашата држава станува дел од мапата на европските истражувачки иницијативи, со одобрување за финансирање на проектот GREENSTARS – „Одбери наука! Градење на општество преку истражување и иновации“ (CHOOSE SCIENCE! BUILDING UP SOCIETY THROUGH RESEARCH AND INNOVATION), во рамки на програмата MSCA and Citizens и повикот за организација на Европска ноќ на истражувачите и истражувачи во училишта (European Researchers’ Night & Researchers at Schools).
Целта на оваа иницијатива е да ги приближи науката, истражувањето и истражувачите до граѓаните, да ја поттикне љубопитноста кај младите и да ја зголеми свеста за значењето на научните откритија и иновациите во секојдневниот живот.
Голема чест е што Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) е координатор на овој проект, во партнерство со значајни научно-истражувачки и иновациски институции од државата:
– Македонска академија на науките и уметностите
– Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола
– Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип
– Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење
– Македонско еколошко друштво
Во рамки на проектот ќе се реализираат две изданија на Европската ноќ на истражувачите во 2026 и 2027 година, како и бројни активности за промоција на науката во основните и средните училишта низ државата.
Проектот ќе се реализира во Скопје, Битола и Штип, со фокус на наука, технологија, иновации, одржливост и инклузивност. Планирани се повеќе од 200 активности, интерактивни презентации, експерименти, работилници и средби со истражувачи, со цел да се вклучат повеќе од 30.000 граѓани и млади.
Проектот GREENSTARS ќе придонесе за поголема видливост на науката, зајакнување на довербата во истражувањата и создавање силна врска меѓу науката и општеството.


Бул. „Гоце Делчев“ бр. 9, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
ukim@ukim.edu.mk
3293-293 (централа)