Потпишан Меморандум за соработка помеѓу УКИМ и Македонскиот студентски ракетен тим
На 26 март 2026 година, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, претставуван од ректорката, проф. д-р Биљана Ангелова и Македонскиот студентски ракетен тим, претставуван од овластеното лице Лука Миташев, потпишаа Меморандум за соработка во просториите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Меморандумот има за цел зајакнување на меѓусебната соработка и искористување на научните, стручните и други ресурси на единиците на Универзитетот со цел за поддршка на Македонскиот студентски ракетен тим при дизајн, развој, изработка, тестирање и лансирање на студентска ракета, како и учество на други проекти и меѓународни натпревари.
Проектот за дизајн, развој, изработка, тестирање и лансирање на студентска ракета е конципиран како мултидисциплинарна студентска платформа која обединува повеќе научни области – машинство, електроника, информатика, физика и материјали. Проектот се развива во соработка со Варшавскиот универзитет за технологија (Warsaw University of Technology – WUT), а ќе учествува на еден од најпрестижните студентски aerospace натпревари во Европа што ќе се одржи во Република Португалија.
Во рамките на овој проект студентите ќе работат на развој на целосен ракетен систем кој опфаќа повеќе инженерски области, меѓу кои:
• структурен и механички дизајн на ракетата;
• пропулзивен систем (ракетен мотор и системи за погон);
• авионика и електроника (flight computer, сензори, телеметрија);
• летна динамика и стабилизација;
• систем за безбедно спуштање (падобрански систем);
• развој на земјена инфраструктура, тестирање и безбедносни процедури.
Со потпишувањето на Меморандумот за соработка со Македонскиот студентски ракетен тим се отвора иновативно поле на соработка, за кое веќе е изразен интерес за соработка од пет факултети на Универзитетот кои можат да придонесат со својата експертиза – од механички конструкции и материјали, преку електроника и софтвер, до физика на лет и анализа на податоци:
• Машински факултет – Скопје;
• Технолошко-металуршки факултет – Скопје;
• Природно-математички факултет – Скопје;
• Факултет за електротехника и информациски технологии – Скопје;
• Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство – Скопје.


Бул. „Гоце Делчев“ бр. 9, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
ukim@ukim.edu.mk
3293-293 (централа)