Почетна | Новости | 01.04.2026


Продлабочување на научно-истражувачката соработка-остварена средба со делегација од Универзитетот во Мичиген, САД

На 30 март 2026 година (понеделник), ректорката проф. д-р Биљана Ангелова ја прими делегацијата од Медицинскиот факултет при Унивезитетот во Мичиген, САД, предводена од проф. д-р Жанета Николовска-Чолеска, продекан за постдипломски и постдокторски студии.

Професорката беше придружувана од проф. д-р Ендрју П. Либерман, директор на невропатологија; проф. д-р Џ. Чед Бренер, директор на докторската студиска програма по клеточна и молекуларна биологија; проф. д-р Сету Пичиаја, заменик-директор на докторската студиска програма по клеточна и молекуларна биологија. На средбата присуствуваа и проректорите на УКИМ, проф. д-р Валентина Гечевска, проф. д-р Соња Топузовска и проф. д-р Александар Скепаровски, како и продеканот за меѓународна соработка на Медицинскиот факултет проф. д-р Рубенс Јовановиќ.

На средбата, ректорката ја истакна определбата на УКИМ за унапредување на меѓународната научноистражувачка соработка, со посебен акцент на мобилноста на студентите и академскиот кадар, како и развојот на докторските студии, како клучен сегмент за позиционирање на Универзитетот во европскиот и глобалниот академски простор.

Во контекст на неодамна потпишаниот Договор за престој на гостин-истражувачи, двете страни дискутираа за конкретната имплементација на истиот. Во првата фаза се предвидуваат тримесечни истражувачки престои на докторанди од УКИМ на Универзитетот во Мичиген.
Проф. д-р Жанета Николовска-Чолеска, воедно и алумна на УКИМ, ја нагласи својата посветеност кон унапредување на соработката и истакна дека постои значителен интерес од академскиот кадар на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Мичиген за вклучување на докторандите од УКИМ во нивните истражувачки проекти.

Средбата беше дел од пошироката програма на посетата на делегацијата од Универзитетот во Мичиген, која вклучува заеднички симпозиум со Медицинскиот факултет при УКИМ и работни состаноци со раководството и академскиот кадар на факултетот со цел идентификување на конкретни области за научноистражувачка соработка.

Со оваа средба се поставуваат цврсти основи за долгорочно и стратешко партнерство, насочено кон унапредување на докторските студии и научната извонредност на УКИМ.