Почетна | Вести | 27.07.2026


Историјат на студентскиот активизам во Македонија

Пишува: Борче Исакоски, студент на Природно-математичкиот факултет

Помина повеќе од еден месец откако имав можност да учествувам на третиот Студентски форум во Скопје, во организација на Форумот за образовни промени (FECH) – настан на кој, меѓу другото, како говорници беа поканети младински работници и активисти од целиот регион на Западен Балкан. Овие млади лидери и предводници на влијателни движења во нивните заедници, за време на панел-дискусијата со наслов „Claiming Dignity“ („Барајќи достоинство“), ги споделија своите искуства кога станува збор за иницијативи водени од нивни врсници, пред сè студенти, во нивните земји, резултатите од тие иницијативи и актуелните ситуации со кои се соочуваат.

Можеби во моментов се прашувате зошто ја започнувам сторијата со раскажување лични искуства од еден настан насочен кон промоција на вредностите на студентскиот активизам и мотивација на младите да преземат одговорност за одлуките во нивните заедници. Затоа ќе ви објаснам. Она што, барем за мене лично, беше најинспиративно од целата оваа плодна дискусија беше заклучокот дека младите, меѓу кои и студентите од секоја земја во Западен Балкан, можат да се пофалат со барем една успешна приказна од поголеми размери во контекст на нивното колективно дејствување. Може да зборуваме за масовните антикорупциски студентски протести во Србија, кои за кратко време станаа пример за отпор, упорност и моќ на регионално и европско ниво; протестите во Албанија во 2018 година против високите школарини, корупцијата кај професорите и лошите услови во студентските домови; или младинскиот бунт во Јајце, Босна и Херцеговина, од 2016 до 2017 година, кога средношколците и студентите заедно се спротивставија на понатамошната етничка сегрегација во нивните училишта, одбивајќи да бидат поделени на Бошњаци и Хрвати. Во секој случај, овие наративи претставуваат јасен показател за тоа колкав потенцијал всушност лежи во младинското организирање со јасна идеја, цели и визија. Токму затоа бев инспириран подобро да истражам и да се информирам, и себеси и останатите, за тоа што студентите во нашата земја имаат постигнато, направено и изборено кога станува збор за нивните права, интереси и барања како идни столбови на заедницата.

 

Почетоци на студентскиот активизам – социјалистичкиот период

Пред сè, сметам дека не може навистина да се започне со овој времеплов без да се навратиме на првите обиди за официјално организирање на македонските студенти уште пред самата независност на нашата држава. Сè започнува во далечната 1936 година со формирањето на Македонскиот народен покрет (Македонско народно движење – МАНАПО), од страна на прогресивните македонски студенти од Загреб, Белград и Скопје, со цел борба за федеративно уредување на Југославија, будење на националната свест кај македонскиот народ, афирмација на македонскиот јазик и демократизација на земјата. Движењето во наредните три години дејствувало во соработка со македонските комунисти, па со зајакнувањето на Комунистичката партија во Вардарскиот дел на Македонија, МАНАПО постепено исчезнува од политичката сцена.

По Втората светска војна, со основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1949 година, се формира и Сојузот на студентите како прва легална форма на студентско здружување. Сојузот не функционирал како политички независно и неутрално тело, туку, напротив, бил под директно влијание на Комунистичката партија и Сојузот на социјалистичката младина на Македонија. Водачите на Сојузот биле избирани по партиска линија и длабоко во работата на ова тело било вкоренето идеолошкото воспитување на младите во духот на социјализмот. Сепак, не може да се каже дека студентите биле целосно запоставени од своите претставници, затоа што се работело на организирање младински работни акции за промовирање соживот и единство, подигнување на студентскиот стандард во студентските домови, обезбедување социјална помош и еднакви услови за студирање за студентите од различни средини, организација на културни, социјални и спортски настани, како и, во одредена мера, учество во донесувањето одлуки во наставно-научните совети на факултетите. Подоцна, во 1979 година, се формира и Сојузот на студентите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“.

Во контекст на претходно споменатото, единствениот исклучок од слепото следење на овој концепт е бунтот на студентите на УКИМ во 1968 година, кој бил директен резултат на студентските протести во Југославија истата година. Да биде појасно, оваа година е одбележана со различни протести и движења ширум светот, главно предводени од студенти и претставници на работничката класа. Така, протест од најголеми размери во тогашната СФРЈ организираат токму студентите, незадоволни од бирократизацијата на општеството, високата стапка на невработеност и корупцијата во земјата, односно од непочитувањето на социјалистичките принципи за кои се залагал системот. Иако главниот и најмасовен протест во тој период бил оној во Белград, македонските студенти на УКИМ, во знак на поддршка и колективно незадоволство, организирале мирен бунт во форма на дебати, собири и трибини на Правниот факултет. Студентите седум дена престојувале на факултетот, дискутирајќи за актуелните проблеми и глобалните случувања, заедно со дел од своите професори. Исходот од оваа масовна револуција не бил успешен, затоа што студентите се повлекле во моментот кога Јосип Броз Тито признал дека се во право и им ветил реформи. Наместо тоа, тактички ги довел до уште поголеми рестрикции за сите учесници.

 

Независност, работата на студентските парламенти и основањето на собранијата

По прогласувањето на независноста на Македонија, доаѓа и до значајни промени во студентското организирање, така што се формираат студентските парламенти на универзитетите. Тие функционирале како надворешни невладини организации, односно здруженија на граѓани, што значи дека законски не биле директен дел од структурата на универзитетите и, фигуративно, служеле само како застапници на академската заедница. Поради овој пропуст во законите, можело да се манипулира со средствата што се собирале од студентите без поголема отчетност, да не се распишуваат редовно избори или тие да се спроведуваат недемократски, но и овие тела да се политизираат во корист на политичките партии. Со години начинот на функционирање на студентските тела останува непроменет, со исклучок на ретките бунтови од помали размери, кои не секогаш биле насочени кон самите парламенти.

Кулминацијата била достигната во 2014 година, кога тогашната Влада донела одлука за воведување екстерен испит на факултетите, по што бил организиран Студентскиот пленум како независно и автономно движење, откако Студентскиот парламент одлучил да застане на страната на Владата. Важна карактеристика на Пленумот била неговата хоризонтална поставеност, односно отсуството на специфичен лидер на движењето – секој студент можел да се приклучи како рамноправен учесник, без побуди поттикнати од партиска основа. Биле организирани протести во Скопје, но и во другите студентски градови низ земјата, била бојкотирана наставата, а факултетите биле окупирани и прогласувани за автономни зони. Голем дел од професорите се организирале во свој сопствен пленум, во знак на поддршка на своите студенти и заедничка борба против работата на Парламентот како нелегитимно и партиски диригирано тело. На крајот, властите попуштиле под упорниот притисок што го извршиле студентите и го повлекле Законот. Сепак, ситуацијата повторно ескалирала во 2016 година, кога биле распишани изборите за претседател на студентите. Изборите требало да бидат спроведени нетранспарентно, за време на испитна сесија, што било спротивно и на самиот Статут на Парламентот. Членовите на Пленумот повторно ги окупирале гласачките места на факултетите со цел да го спречат нелегитимното гласање, но дел од структурата на Парламентот сепак успеал насилно да ги одземе гласачките кутии доцна во ноќта. Движењето тогаш директно се насочило кон актуелното раководство на Парламентот, при што целосно била блокирана неговата зграда, а дошло и до судири меѓу демонстрантите и припадниците на специјалната полиција.

Дејствувањето на Пленумот било од клучно значење и претставувало одлучувачки фактор за донесувањето на новиот Закон за високото образование во 2018 година, со кој студентското здружување повторно доживува трансформација. Со Законот се дефинира постоењето на универзитетски и факултетски студентски собранија како официјални тела во рамките на високообразовните установи, финансирани директно од нивните буџети и раководени од структура избрана на легални, фер и демократски избори на ниво на единиците на универзитетите. Формирањето на овие тела било под директна контрола на студентите што учествувале во Пленумот, со цел подобро да се гарантира транспарентноста на процесот. Всушност, станува збор за денешните УСС и ФСС, чија работа, раководство, обврски и цели, верувам, на сите ни се добро познати.

Последен пат студентите излегоа во поголем број на улиците за да го искажат своето незадоволство во 2022 година, под иницијатива на неформалното движење „Студентски отпор“. Причината за револтот лежеше во обидот на тогашната Влада да ги заостри критериумите за добивање субвенциониран студентски оброк, но и во лошите услови за престој во студентските домови. Протестот беше директно насочен кон Собранието на Република Северна Македонија и Министерството за образование и наука, што на крајот го постигна посакуваниот ефект. Владата се повлече од своите предлози, се зголеми износот на студентскиот оброк, беа воведени картички за порационална и наменска употреба на средствата, а беше договорена и изработка на план за реконструкција на студентските домови и подобрување на условите во нив.

Дали денес студентите можат да се пофалат со идеални услови за студирање, градење кариера и подготовка за општествениот живот во нашата држава? За жал, сè уште не. На пример, борбата за повисок студентски стандард никогаш не престанала. Напротив, постојано започнува нова битка: секој месец кога станува збор за редовната исплата на стипендиите, од време на време кога ќе снема струја во студентските домови или, пак, кога ќе има наезда на инсекти – проблеми за кои многупати сме мислеле дека се разгледани, дискутирани, решени и затворени. Собранијата, другите студентски организации, но и Студентарија, како нов и најголем активистички канал за младински критики и ставови, секојдневно и најдобро нè информираат и реагираат кога некаде повторно „гори“, ако зборуваме за просечниот студентски живот. Но, дали е тоа доволно? Дали проблемите со кои во моментов се соочува академската младина кај нас можат да се решат само со напорите на една засегната страна, која го трпи притисокот од сите останати?

Да се разбереме, ова не е повик за акција, бидејќи и јас самиот не сум сигурен што треба и што може да се направи за овие ситуации да се искоренат еднаш засекогаш. Напротив, нека ова биде повик за самоанализа и саморефлексија, сторија што ќе послужи како мотивација и инспирација за најперспективната категорија граѓани во нашето општество. Разбирам дека апатијата кон системот, со право, е голема и дека недовербата во некои од институциите и избраните претставници оправдано расте од ден на ден, но вистинските промени ќе се случат само кога секој од нас директно ќе се вклучи во нивното создавање. Затоа, следниот пат кога нешто во врска со вашите студии или, пошироко, со вашиот живот во заедницата нема да ви одговара, не жалете им се на другарите два часа додека пиете кафе, не барајте кого е најлесно да нападнете во студентските групи за комуникација и на кого да ја префрлите вината, не правете нешто што само ќе го врати вашиот револт назад до вас – обидете се да бидете повеќе, да бидете погласни, да бидете повлијателни, дури и кога сте сигурни дека можеби нема да стигнете до очекуваниот резултат. Вклучете се и борете се во секоја организација, заземете став на социјалните мрежи, гласајте и споделете мислење на секоја јавна расправа до која ќе стигнете, затоа што само така ќе знаете дека сте се потрудиле и ќе бидете позадоволни, поисполнети и поодлучни во однос на тоа што да направите понатаму. Нека раскажаните приказни на Форумот на FECH и успесите на претходните генерации студенти ни претставуваат само инспирација, а ние самите да го испишеме нашето сопствено поглавје во книгата на студентите кои сакаат, можат и успеваат.

Статијата ја објавува „Авангарда“, студентски гласник на Универзитетскиот комуникациски центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – виртуелен простор каде студентските идеи, предизвици и успеси добиваат глас, видливост и можност да поттикнат позитивни промени во академската заедница.