Почетна | Вести | 27.11.2026


Интервју со Љупка Топаловска: ДОБРАТА РОДИТЕЛСКА НАМЕРА НЕ ГО ОПРАВДУВА ПОГРЕШНИОТ ПАТ

Разговараше: Даниел Шикоски, студент на педагошки факултет

Родителска љубов или традиционален притисок за високи постигнувања? Дали посетата на психолог е казна за непослушните ученици или, пак, психологот треба да биде личноста пред која ќе ни биде најудобно да зборуваме за себе? Дали стресот и анксиозноста денес станаа нормална појава и со какви предизвици се соочуваат младите во однос на нивното ментално здравје?

Одговори на овие, но и на многу други прашања дава познатиот македонски психолог Љупка Топаловска. Нејзините ставови треба да нè запрат за миг и да нè поттикнат да размислиме: Каде сме, каде одиме и каде сакаме да стигнеме?

Авангарда: Живееме во брзо и стресно време, а младите кои сè уште се во образовен процес се можеби и најранливата категорија. Со какви предизвици се соочуваат денес учениците и студентите?

Топаловска: Денес кај учениците и студентите често забележувам дека се соочуваат со чувството дека „мораат“ да бидат успешни, продуктивни и сигурни во своите избори. Во тој процес младите многу лесно го губат контактот со своите реални потреби, па кај нив често се забележуваат зголемена анксиозност, чувство на несигурност и збунетост – особено кога станува збор за нивната иднина и кога треба да донесат одлуки.

Од друга страна, социјалните мрежи дополнително влијаат врз засилувањето на анксиозноста. Постојаната изложеност на содржини што промовираат „идеални“ животи придонесува младите често да се споредуваат со другите, што понатаму води до чувство на недоволност, па дури и до оддалечување од сопственото автентично однесување.

Психолошки гледано, врз благосостојбата на учениците и студентите денес не влијаат само овие надворешни фактори. Нивните доживувања, а следствено и нивното однесување, се одредени и од тоа колку тие навистина си даваат простор за самите себе, колку и како си дозволуваат да застанат, да почувствуваат и да препознаат што е она што навистина им е потребно. Наместо да бидат присутни во сопствените искуства, фокусот најчесто го насочуваат кон надворешната средина и очекувањата на другите.

Затоа, особено кога зборуваме за ученици и студенти, важно е да се создаде поддржувачка средина, како во образованието така и во семејството.

Кога младите се чувствуваат прифатени, слушнати и разбрани дома, тоа им овозможува поголема сигурност, зајакнување на самодовербата и поголема мотивација за справување со академските предизвици.

Авангарда: Стресот и анксиозноста речиси станаа секојдневие, но кога зборуваме за младите, што покажува статистиката? Во каква насока се движат бројките?

Топаловска: Најновите истражувања покажуваат дека глобално, едно од седум лица на возраст од 10 до 19 години се соочува со тешкотии поврзани со менталното здравје, при што анксиозноста и депресијата се издвојуваат како најчесто забележани состојби кај младите (WHO, 2021). Голем дел од овие состојби остануваат непрепознаени, па младите остануваат без соодветна поддршка.

Понатаму, според UNICEF (2021), за време на пандемијата со КОВИД-19 кај младите е забележано значително влошување на благосостојбата, со пораст на симптомите на анксиозност и депресија на глобално ниво. Анализите укажуваат и на тоа дека овие симптоми се зголемиле за повеќе од 25 % кај децата и адолесцентите за време и по завршувањето на пандемијата (Racine et al., 2021). Резултатите од друго истражување покажуваат дека околу 20 % од адолесцентите пријавуваат симптоми на анксиозност, особено девојчињата (OECD, 2022).

Овие бројки укажуваат на тоа дека анксиозноста сè повеќе станува дел од секојдневието на младите и дека тие постојано се обидуваат да се справат со зголемените притисоци на денешницата.

Авангарда: Дали образовниот процес има влијание врз менталното здравје кај младите? Каде греши системот?

Топаловска: Истражувањата покажуваат дека образовниот процес има значително влијание врз менталното здравје кај младите. Училишниот стрес, притисокот за постигнување високи академски резултати, конкурентноста и очекувањата на наставниците и родителите се фактори што можат да ја засилат анксиозноста и да доведат до чувство на психолошка напнатост. Истражувања во Европа и во САД покажуваат дека дури 40 % од средношколците редовно чувствуваат анксиозност во однос на училишните обврски, додека околу 20 % пријавуваат симптоми на континуиран стрес што влијае врз спиењето, исхраната и социјалното функционирање кај младите (OECD, 2021; WHO, 2022).

Системските грешки што најчесто се забележуваат се поврзани со:

Фокус на резултатите, а не на растот и развојот – образовниот систем често го мери успехот преку оценки, тестови и рангирања, без доволно внимание на социјалните и емоционалните фактори.

Недоволна поддршка и превенција – во многу училишта нема доволно психолози или советници што можат да ги следат психолошките потреби на учениците.

Тешкотии во приспособувањето на системот кон индивидуалните потреби на учениците – различните ученици имаат различни стилови на учење и различни потреби, но системот често применува стандарден пристап.

Недоволна едукација за менталното здравје – младите не учат како да го препознаат и да се справуваат со стресот и анксиозноста, ниту како да побараат помош и поддршка.

Авангарда: Што е со општествените очекувања од образованието на младите?

Топаловска: Општествените очекувања од образованието често функционираат како еден вид „непишани правила“ што младите ги интернализираат уште од рана возраст: дека треба да бидат успешни, продуктивни и да постигнуваат одлични академски резултати. Младите ги „голтаат“ овие очекувања и тоа не им остава простор да се свртат кон сопствените очекувања и потреби. Наместо своите постапки да ги насочуваат кон остварување на она што самите го сакаат, тие функционираат од позиција на она што се очекува од нив. Во ваков контекст, неуспехот не го доживуваат како искуство што може да ги насочи и поучи, туку како личен недостаток.

За јакнење на самоподдршката, потребно е да се поставуваат јасни, но флексибилни граници во чии рамки младите ќе имаат можност да експериментираат, да грешат и да учат без страв од неуспех и осуда. Ваквиот контекст би се карактеризирал со еден вид рамнотежа меѓу поддршката, реалните очекувања и просторот за индивидуален раст и развој. Наместо да се става акцентот на постигнувањата, ваквиот пристап би го насочил вниманието кон процесот на учење, личниот раст и психолошката благосостојба.

Авангарда: Зошто сè уште посетата на психолог е табу-тема и зошто учениците под казна се праќаат кај училишниот психолог, наместо тоa да биде секогаш на располагање за учениците?

Топаловска: Иако психолошката поддршка денес е сè подостапна и сè повеќе се зборува за потребата од психолошка помош и поддршка, во практиката гледаме дека на посетата на психолог, за жал, сè уште се гледа како на нешто што се бара „само кога има проблем“. Наместо да биде дел од редовната грижа за себе, на пример, како што сите одиме на лекар кога нè боли стомакот, барањето поддршка од психолог и

понатаму се гледа како нешто „срамно“ и „страшно“, а тоа директно влијае врз начинот на кој младите го доживуваат одењето на психолог.

Начинот на кој училишниот систем ги користи услугите на психологот ја зацврстува оваа перцепција. Кога учениците се праќаат „под казна“, тие ја доживуваат улогата на психологот како „дисциплинска“, наместо како безбеден простор. Ова создава отпор кај младите, наместо доверба.

Промената бара поместување: од гледање на психологот како на некој што би требало да го смени однесувањето на ученикот кон гледање на психолошката поддршка како на ресурс што нуди можност за здрав развој и грижа за себе.

Авангарда: Дали училиштето или факултетот се само места за теорија или, можеби, и за нешто повеќе? Дали треба да ја имаат и улогата на заштитници на менталното здравје кај младите?

Топаловска: Училиштето и факултетот традиционално се перципираат како места за стекнување знаење, но од психолошка перспектива тие се многу повеќе од тоа. Образовните институции претставуваат развојни средини што играат многу значајна улога во формирањето на идентитетот на младите и начинот на кој тие стапуваат во однос со светот што ги опкружува.

Образовната институција е простор во кој се одвива континуиран контакт со авторитети и врсници. Таа е место каде што се создаваат значајни релации и интеракции, преку кои се развиваат важни вештини, како што се комуникацијата, поставувањето граници, справувањето со конфликти итн. Следствено, образовните институции не се само „преносители“ на теорија, туку и простори за психолошка поддршка и превенција, одговорни за создавање услови што ја штитат и унапредуваат психолошката благосостојба.

Авангарда: Дали образовниот систем има механизми за справување со овие предизвици и дали воопшто се размислува за нив при едукацијата на наставниот и останатиот образовен кадар?

Топаловска: Образовниот систем на светско ниво постепено почнува да признава дека стресот кај учениците и студентите е значаен фактор што влијае врз образовниот процес. Сепак, механизмите за справување често се ограничени, недостапни и не се подеднакво застапени. Во многу училишта и факултети постојат сервиси што нудат психолошка помош и поддршка, но тие не секогаш се доволно користени и не се вклучени во секојдневниот процес.

Што се однесува до едукацијата на наставниот кадар и другите професионалци, постојат иницијативи за обуки насочени кон препознавање на стресот и анксиозноста кај младите, но тие сè уште не се доволно систематски и распространети. Наставниците најчесто учат техники за академска поддршка, но многу помалку за емоционална поддршка на учениците.

Со цел надминување на предизвиците, потребни се системски пристап и едукација на целиот кадар за препознавање на потребите на младите и за давање поддршка.

Авангарда: Што нè очекува во иднина и кој е патот напред?

Топаловска: Иднината може да донесе и предизвици и можности, а патот кон стабилност и напредок подразбира активно градење мрежи на поддршка што ги вклучуваат семејството, пријателите и наставниците. Од суштинско значење е фокусот да се прошири и да се стави акцент и на развојот на личните вештини и механизмите за справување со стресот, развојот на емоционалната интелигенција и учењето како да се поставуваат реални цели. Со комбинирање на овие аспекти, младите би имале можност да ја зајакнат својата самодоверба и да изградат стабилна основа за здрав раст и развој.

Како главен заклучок можеме да извлечеме дека младите денес се сè повеќе изложени на бројни предизвици, но најголемиот товар, всушност, произлегува од општествените очекувања и верувања што често се застарени и ирелевантни, особено од денешна гледна точка.

Време е работите да се променат, но за да дојде до вистинска трансформација, неопходно е да се преземе акција. Ова пред сè се однесува на образовните институции, кои се примарното место каде што младите се развиваат како личности. Но промената мора да дојде и од сите нас како колектив – како општество треба да сфатиме дека живееме во 2026 година, па затоа, не само со зборови туку конечно и на дело, мора да се ослободиме од предрасудите, неодржливите верувања и нереалните очекувања.

Статијата ја објавува „Авангарда“, студентски гласник на Универзитетскиот комуникациски центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – виртуелен простор каде студентските идеи, предизвици и успеси добиваат глас, видливост и можност да поттикнат позитивни промени во академската заедница.