Почетна | Вести | 27.11.2026


Четврти меѓународен конгрес на студенти по медицина и биомедицински науки

Пишува: Вероника Гијовска, студентка на Институтот за хемија при ПМФ.

Во разговор со Ана Ќупева, претседателка на ФСС при Медицинскиот факултет, за приказната зад ICOF, значењето на студентската иницијатива и медицината надвор од границите на традиционалното образование

Од идеја започната во 2022 година до меѓународен конгрес што денес обединува студенти, професори и истражувачи од различни земји, ICOF постепено прераснува во простор за научна размена, практична едукација и студентска иницијатива. Четвртото издание на Меѓународниот конгрес на студенти по медицина, под мотото „…AND BEYOND“, отвори простор за разговор за медицината надвор од традиционалните рамки на студирањето, вклучувајќи ги технологијата, интердисциплинарноста и меѓународната соработка.

За тоа како една студентска иницијатива се развива низ годините, што стои зад организацијата на конгресот и каква улога имаат студентите во создавањето сопствени академски можности, разговаравме со Ана Ќупева, претседателка на Факултетското студентско собрание при Медицинскиот факултет и претседателка на четвртото издание на ICOF.

Четвртиот меѓународен конгрес на студенти по медицина е уште едно издание на настан што постепено прераснува во препознатлива студентска иницијатива. Како започна приказната за овој конгрес и што се промени од неговото прво до четвртото издание?

Приказната за ICOF започнува уште во 2022 година, со идеја на група студенти по медицина кои препознале дека недостасува простор во кој студентите ќе можат да учествуваат во квалитетна научна и практична едукација, да ги презентираат своите идеи и да ја доживеат медицината надвор од рамките на редовната настава. Првото издание, под водство на Ивана Баловска, се одржа под мотото „Medicine Out of the Box“ и ги постави темелите на она што денес е ICOF. Следуваше второто издание, предводено од Ана Крстевска, со мотото „From Cell to Human“, а третото издание, под водство на Надица Танчева, донесе понатамошен развој, вклучително и воведување студентски презентации на клинички случаи и научни постери. Оваа година имав чест јас да го предводам четвртото издание.

Интересен факт е дека сите четири изданија досега ги предводеле жени – четири студентки кои во различни генерации ја презеле одговорноста да продолжат да градат нешто што ги надминува нивните лични студентски ангажмани. Можеби тоа е и една од најубавите симболики на конгресот: секоја од нас, на свој начин, се обидела да донесе нешто ново, да помести некои граници и да остави нешто подобро за генерациите што доаѓаат.

Она што е особено важно е дека основната идеја и поривот останаа исти – да им понудиме на студентите можности што не секогаш ги добиваат во рамките на редовната настава, да ги зајакнеме практичните вештини и да ја поттикнеме неформалната едукација. Но, начинот на кој го реализираме тоа значително се промени.

Ако се навратиме на почетоците, станува збор за студентска иницијатива што се развивала со ограничени финансиски и организациски ресурси. Денес, четири изданија подоцна, имаме конгрес со сопствена веб-страница, многу поразвиена научна и едукативна програма, околу 50 практични работилници и најголемо меѓународно учество досега. Оваа година за првпат програмата не беше ограничена само на просториите на Медицинскиот факултет – активностите се реализираа на две локации, меѓу кои и Младинскиот културен центар. Дополнително, програмата доби и мултидисциплинарна димензија, со вклучување професори од Факултетот за електротехника и информациски технологии и од Природно-математичкиот факултет.

Особено ми е драго што, покрај растот на самата организација, успеавме да изградиме и континуитет во соработката со партнери и поддржувачи. Денес веќе имаме долгогодишни поддржувачи кои ја препознаваат вредноста на оваа иницијатива и се дел од нејзиниот развој. Тоа е многу важно бидејќи конгресот не може да се гради само со ентузијазам – потребни се доверба, партнерства и луѓе кои веруваат во идејата.

Овогодишното мото на конгресот е „…AND BEYOND“. Која е пораката што сакате да ја испратите преку овој концепт и што, според вас, треба да значи „надвор од границите“ за еден студент по медицина?

Со мотото „…AND BEYOND“ сакавме да испратиме порака дека медицината не треба да ја гледаме како изолирана научна област, туку како дисциплина што постојано се развива под влијание на многу други науки, технологии и општествени промени. Сакавме овогодишниот конгрес да биде нешто поинакво од она на што студентите се навикнати – да отвориме теми кои можеби на прв поглед не изгледаат како класична медицина, но имаат огромно влијание врз нејзината иднина. Токму затоа вклучивме професори и експерти од области надвор од медицината, меѓу кои и од ФЕИТ и ФИНКИ, и организиравме дискусии за вештачката интелигенција и нејзината примена во здравството. Разговаравме и за теми како дебелината, хормоналните нарушувања, репродуктивното здравје и други актуелни прашања кои бараат поширок, интердисциплинарен пристап.

Сметам дека еден иден лекар не може да биде подготвен за предизвиците на иднината ако се движи само во рамките на она што го учи од медицинските учебници. Треба да биде љубопитен, да ги разбира технологиите, да ги следи научните достигнувања, но и да ги препознава социјалните, психолошките и етичките аспекти на здравјето.

За мене, „beyond“ значи да не се ограничуваме на она што веќе го знаеме, туку постојано да поставуваме прашања, да бараме нови перспективи и да бидеме подготвени да учиме и од луѓе кои доаѓаат од сосема различни области. На крајот, медицината постои за човекот, а човекот никогаш не може да се разбере само преку една научна дисциплина.

Организацијата на меѓународен конгрес подразбира координација на голем број луѓе, предавачи и учесници. Кој беше најголемиот организациски предизвик со кој се соочивте и како изгледа процесот на подготовка?

Искрено, организацијата на конгресот беше истовремено најголемиот предизвик, но и еден од најубавите делови од целото искуство. Кога работиш со голем тим, составен од луѓе со различни карактери, способности, навики и темпо на работа, не можеш да очекуваш сите да функционираат на ист начин. Некои членови беа поактивни во одредени фази, други преземаа поголема одговорност во моменти кога тоа беше најпотребно. Но, со текот на времето, некако сите успеавме да се надополниме. Мислам дека токму тоа беше најважно – да препознаеме дека не мора сите да бидеме добри во истите работи. Некој има одлични организациски способности, друг е креативен, трет е одличен во комуникацијата, а некој најдобро функционира кога треба да реши проблем во последен момент. Кога ќе ги споиш тие различни способности, добиваш тим кој може да реализира нешто многу поголемо од она што секој поединец би можел самостојно да го направи. Како претседателка, научив дека организацијата не значи само да делегираш задачи, туку и да знаеш кога треба да преземеш одговорност, кога да им дадеш простор на другите и како да ги поврзеш сите во една заедничка цел. И можам да кажам дека од секој член на тимот научив нешто. На крајот, најголемиот успех не е само тоа што конгресот се реализираше, туку и тоа што успеавме да изградиме тимска кохезија и да создадеме нешто на кое сите можеме да бидеме горди.

Оваа година организацијата беше поделена на повеќе сектори, со јасно дефинирани одговорности. Генерален секретар беше Филип Калаџиски, а извршен координатор – Тоше Николов. Научната програма ја подготвуваа Александар Недев, Панче Ангелов, Ѓоко Бојковски, Даниел Зарев и Петар Маџовски. За социјалните мрежи, комуникацијата и односите со јавноста беа задолжени Ивона Радевска, Јана Христова, Кала Дренковска и Миа Чичкаркиќ. Финансискиот сектор го сочинуваа Ива Бугариновска, Ивана Димитровска, Душица Тодоровска и Ана Блајер, додека логистиката ја координираа Белма Авдиќ, Ненад Смилески, Јетмир Ибраими, Бајрам Трго, Александар Ангеловски и Јована Божинова. Особен придонес имаше и Софија Петков, која беше едно од препознатливите лица на конгресот преку видео-содржините и промотивните активности. И, секако, не можам да не го спомнам човекот кој не само што првпат ја изработи веб-страницата на ICOF, туку и ѝ даде светски размери на нашата визија – Христијан Чупетрески.

Секако, ова е само дел од луѓето кои придонесоа за реализацијата на конгресот. Без поддршката од деканот, проф. д-р Светозар Антовиќ, ова ќе беше само обична идеја, а не реалност. Истото важи и за нашите продекани: проф. д-р Јулија Живадиновиќ Богдановска, продеканка за настава; проф. д-р Марија Вавлукис, продеканка за наука; проф. д-р Симон Трпевски, продекан за специјализации и супспецијализации; како и проф. д-р Рубенс Јовановиќ, продекан за меѓународна соработка. Голем придонес имаа и проф. д-р Софија Пејкова и проф. д-р Христо Пејков, кои ни беа поддршка во текот на целата организација.

Како претседателка на ФСС и на организацискиот тим, како ја гледате улогата на студентските организации во унапредувањето на академскиот живот? Дали сметате дека студентите треба да бидат поактивни во креирањето можности за сопственото образование?

Апсолутно сметам дека студентите треба да бидат многу поактивни во креирањето можности за сопственото образование. Мислам дека не треба да чекаме некој друг да ни ги создаде сите услови, туку треба самите да бидеме иницијатори на промените што сакаме да ги видиме. Студентските организации имаат огромна улога во тој процес бидејќи се мост меѓу студентите, академскиот кадар и институциите.

Верувам дека ние сме тие што, преку нашите иницијативи и ангажман, го поставуваме стандардот за генерациите што доаѓаат. Секој конгрес, секоја работилница, секоја студентска размена или научна иницијатива остава нешто зад себе и создава можност следната генерација да започне од повисоко ниво. Исто така, сметам дека треба да учиме едни од други. Националните и меѓународните искуства се подеднакво важни во градењето на карактерот на еден иден лекар. Медицината не е само знаење од учебник, туку и комуникација, тимска работа, приспособување, критичко размислување и способност за функционирање во различни средини.

Колку порано започнеме да се запознаваме со новите технологии, различните здравствени системи и меѓународните академски искуства, толку полесно ќе ни биде да се приспособиме на промените што допрва доаѓаат. Затоа сметам дека студентскиот ангажман не треба да се гледа како дополнителна активност покрај студиите, туку како важен дел од личниот и професионалниот развој на секој студент.

Меѓународното учество е еден од важните аспекти на конгресот. Што им овозможува на студентите директната комуникација со странски професори, истражувачи и колеги, што можеби не можат да го добијат преку редовната настава?

 

Мислам дека најголемата вредност на меѓународното учество е во можностите што се отвораат преку директниот контакт. Кога ќе запознаете професор, истражувач или студент од друга земја, тоа не завршува со едно предавање или разговор. Може да биде почеток на академска соработка, можност за истражувачки проект, пракса или стручно усовршување во странство, размена на искуства, па дури и долгорочно професионално пријателство.

Оваа година имавме особена чест да угостиме исклучителни меѓународни имиња, како проф. д-р Валтер Клепетко, проф. д-р Жауме Масија, проф. д-р Џун Пио Хонг, проф. д-р Франк Хајнцел и други истакнати професори и експерти. Тоа се луѓе кои оставиле значаен белег во своите области, чии научни трудови, достигнувања и професионални искуства се дел од литературата и знаењето со кое се среќаваме во текот на студиите.

За мене, постои нешто навистина посебно во моментот кога луѓето чии трудови ги читате, чии достигнувања ги изучувате и чии имиња ги среќавате во литературата одеднаш се пред вас и имате можност директно да разговарате со нив. Некако, медицината од страниците на учебниците станува многу пореална. Повеќе не сте само студент кој чита за нечија работа, туку имате можност да го запознаете човекот зад таа работа, да го слушнете неговото искуство и да му поставите прашања.

Дополнително, меѓународното учество им овозможува на нашите студенти да ја претстават сопствената работа и институција пред колеги од други земји. Оваа година имавме учесници од земји како Романија, Германија, Бугарија и Словенија, што создаде можност за вистинска размена на искуства и перспективи. Верувам дека ваквите средби им помагаат на студентите да размислуваат пошироко за својата иднина и да сфатат дека можностите за професионален развој не завршуваат со дипломирањето, ниту пак се ограничени на една држава.

Како студентка и претседателка на ФСС, што беше највредното искуство што го стекнавте преку организацијата на овој конгрес?

Највредното искуство за мене беше тоа што научив да функционирам и да носам одлуки под голем притисок. Организацијата на ваков настан подразбира огромна координација – од комуникација со професори и меѓународни гости, преку обезбедување финансиски средства, спонзорства, договори и логистика, до најситните детали кои на учесниците можеби им изгледаат сосема едноставни, но зад себе кријат многу работа.

Научив колку е важно да можеш да водиш повеќе процеси истовремено, да ги следиш роковите, да комуницираш со различни луѓе и да реагираш кога нешто не оди според планот. Особено ми стана јасно дека постојат многу работи кои остануваат невидливи за другите, но се исклучително важни за успешната реализација на еден настан.

Можеби најголемата лекција е дека лидерството не е само моментот кога стоиш на сцена и се обраќаш пред стотици луѓе. Тоа ги опфаќа сите часови поминати во координација, сите пораки на кои треба да одговориш, сите проблеми што треба да ги решиш и сите одлуки за кои на крајот ти ја сносиш одговорноста. Понекогаш тоа е и работата што никој не ја забележува, но без која целиот настан не би можел да се реализира.

Овој конгрес ме научи на трпение, одговорност, организација и доверба во луѓето со кои работам. Научив дека не мора сè да направам сама, туку дека вистинската вредност на еден тим е во тоа што секој придонесува со она во што е најдобар. И, пред сè, ми покажа колку многу можеме да постигнеме кога имаме заедничка цел и сме подготвени да вложиме време и енергија во неа.

По четири успешни изданија, каква иднина му посакувате на конгресот? Дали постојат идеи за негово проширување, нови формати или дополнителни меѓународни партнерства?

На ICOF му посакувам да продолжи да расте, но уште повеќе му посакувам да ја зачува својата основна идеја – да биде конгрес создаден од студенти за студенти, кој постојано се надградува и одговара на потребите на новите генерации.

Мојата лична желба е еден ден ICOF да прерасне во вистинска светска студентска платформа, на која нема да учествуваат само студенти од регионот и европските земји, туку и идни млади лекари од многу други делови на светот. Сакам за Медицинскиот факултет во Скопје и за студентите кои стојат зад оваа иницијатива да се слушне многу подалеку од нашите граници. Би сакала студентите од различни континенти да го препознаваат ICOF како место каде што можат да научат нешто ново, да ги покажат своите способности и да создадат контакти што ќе траат и по завршувањето на конгресот. Мислам дека веќе имаме добра основа за таков развој. Имаме сопствена веб-страница, развиена научна програма, сè поголем број практични работилници, меѓународни предавачи и поддржувачи кои со години ја препознаваат вредноста на проектот. Следниот чекор е тие партнерства да се продлабочат, да се воспостават нови соработки со странски факултети и студентски организации и да се отворат можности за заеднички истражувачки проекти, размени и практични едукативни програми.

Посакувам и идните организатори да бидат храбри да воведуваат нови формати, да експериментираат со темите и да не се плашат да излезат од она што веќе е воспоставено. Секоја генерација треба да има слобода да го направи конгресот поинаков, но и одговорност да ѝ го предаде на следната генерација барем малку подобар отколку што го затекнала.

И можеби најважно, сакам светот да дознае дека и од една студентска иницијатива, започната со ограничени ресурси, може да се изгради нешто што има меѓународна вредност. Не мора секогаш да чекаме големите институции да ни создадат можности – понекогаш треба самите да ја започнеме приказната. За мене, ICOF е токму тоа: доказ дека студентската иницијатива, кога е проследена со континуитет, посветеност и визија, може да прерасне во нешто многу поголемо од првичната идеја.

Четири изданија подоцна, ICOF е пример за тоа како студентската иницијатива може да создаде простор за учење, соработка и нови перспективи. Но, можеби најважното што останува зад еден ваков конгрес не се само предавањата и работилниците, туку можностите што ги отвора за студентите и идеите што продолжуваат да живеат и по неговото завршување.

 

Статијата ја објавува „Авангарда“, студентски гласник на Универзитетскиот комуникациски центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – виртуелен простор каде студентските идеи, предизвици и успеси добиваат глас, видливост и можност да поттикнат позитивни промени во академската заедница.