Проректори | Проректор за наука

Проф. д-р Ивана Јанеска Стаменковска

Проф. д-р Ивана Јанеска Стаменковска е родена 1981 година во Скопје.

Додипломските студии ги завршила на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ во Скопје) во 2004 година, на насоката Финансиски менаџмент, со што се здобила со звањето дипломиран економист.

Својот професионален ангажман го започнала во 2003 година како деловен асистент во проектот „Macedonian Corporate Governance and Company Law – CGCL“, финансиран од Американската агенција за меѓународен развој (USAID), каде што организирала обуки за акционерски друштва и тркалезни маси за засегнатите страни во врска со примената на Законот за трговските друштва. Од 2005 до 2014 година била координатор на билатералниот проект „Градење капацитети за формулирање на македонската политика и економска анализа во однос на земјоделскиот сектор“, финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (SIDA) и реализиран помеѓу Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје и Шведскиот земјоделски универзитет (SLU) во Упсала, при што била одговорна за координацијата на проектните активности, подготовката на буџетите и финансиското и наративното известување.

Постдипломските студии ги завршила на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје, во 2009 година, во областа на агроекономиката, и се здобила со научниот степен магистер на земјоделски науки.

Од 2009 година е вработена како асистент на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје, каде што во континуитет се избира во сите наставно-научни звања: доцент во 2015 година, вонреден професор во 2020 година и редовен професор во 2025 година, од областа на агроекономиката.

Докторските студии ги завршила на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје, во 2015 година, кога се здобила со научниот степен доктор на земјоделски науки. Во докторската дисертација разработила модел за примена на повеќекритериумско одлучување (MCDM) и оптимизација на земјоделското производство со техники на математичко програмирање, базиран на сметководствени податоци од земјоделски стопанства.

Од јуни 2021 до септември 2026 година ја извршувала функцијата продекан за меѓународна соработка и финансии на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во чии рамки била одговорна за програмите за мобилност, меѓународните научноистражувачки проекти, билатералните договори и меѓународните конференции, како и за финансиското планирање, управување и известување на Факултетот. Од 2024 година е секретар на Асоцијацијата на факултети за земјоделски науки од Југоисточна Европа, одговорна за административните и техничките аспекти на нејзиното функционирање.

Во септември 2026 година е избрана за проректор за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за мандатниот период 2026 – 2029 година.

Во рамки на наставната дејност на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, изведува настава на сите три циклуси студии. На прв циклус ги предава предметите: Сметководство на фарма, Анализа на работење, Вовед во операциони истражувања, на втор циклус, предметите: Математичко-статистички методи, Сметководство во агробизнисот и Проектен менаџмент, а на трет циклус, предметот Деловни системи во земјоделството. Автор е на учебникот „Сметководство на фарма“ (2024) и ментор е на повеќе дипломски трудови.

Своите компетенции дополнително ги надградувала преку специјализирани обуки во земјата и во странство, меѓу кои: Cochran Fellowship Program на USDA (FAS) на Катедрата за агробизнис при Државниот универзитет на Калифорнија во Фресно, САД (2013), обуки за агроекономско моделирање и оптимизација со GAMS во Мадрид (ETSIA, 2013) и во Виена (Maindl Consulting, 2012), како и обуки по економетрија на Шведскиот земјоделски универзитет во Упсала. Во периодот 2021 – 2022 година, од страна на Германската фондација за меѓународна соработка на штедилниците (German Sparkassenstiftung), сертифицирана е како обучувач за унапредување на финансиската писменост преку симулациски игри (Farmers Business Games и Savings Games).

Активно раководела или учествувала во реализацијата на околу 60 научноистражувачки и развојни проекти финансирани од различни програми и донатори (Horizon Europe, H2020, FP7, Erasmus+, COST, TEMPUS, Interreg IPA CBC, Interreg Europe, Interreg Euro-MED, EuropeAid, EIT Food, FAO, UNDP, UN Women, UNOPS, Светска банка, SDC, SIDA, USAID, JRC и др.), во соработка со странски универзитети и меѓународни институции. Била проектен координатор на проектите BEAMING (Horizon Europe, 2024 – 2027), „Empowering Digital Agriculture“ (CMSR, 2025–2026), RENAISSANCE (Interreg IPA CBC, 2021 – 2023) и CONSE PP (Interreg IPA CBC, 2018 – 2021).

Како експерт, ангажирана е во изработка на бројни студии и анализи за потребите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и на меѓународни институции, меѓу кои: подготовката на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2014 – 2020 (FAO), воведувањето на мерките од Заедничката организација на пазарите (CMO) и реформата во тутунскиот сектор (EuropeAid), пресметката на цена на чинење на избрани земјоделски производи како национален консултант на FAO, анализите на земјоделската политика во земјите кандидатки за членство во ЕУ за Заедничкиот истражувачки центар (JRC) и Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој на Европската комисија, среднорочната евалуација на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021 – 2027 (Светска банка), како и делот „Земјоделство и земјоделско земјиште“ во Просторниот план на Република Северна Македонија (2021 – 2040). Има искуство и во евалуација на проектни апликации во рамки на шеми за подгрантирање (Мрежа за рурален развој, UNOPS и др.).

Проф. д-р Ивана Јанеска Стаменковска досега има објавено повеќе од 40 научни труда во меѓународни и домашни научни списанија и зборници од конференции, од кои дел во списанија со фактор на влијание, и е автор/коавтор на повеќе од 40 книги, учебници, поглавја во монографии и студии, вклучително и публикации на Европската комисија (JRC и DG AGRI), FAO, UN Women и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Особено е активна во трансферот на знаење кон праксата, преку бројни обуки и работилници наменети за земјоделци, советници, рурални жени и млади, на теми како што се: сметководство на фарма, калкулации и цена на чинење, финансиска писменост, управување со проектен циклус, анализа на вредносни синџири и валоризација на знаењето во биоекономијата.

Членува во бројни комисии и работни тела, меѓу кои Националниот комитет за мрежа на сметководствени податоци од земјоделските стопанства (FADN), Работната група за рамноправност меѓу жените и мажите и зајакнување на жените при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и др. Член е на: Европската асоцијација на агроекономисти (EAAE), Асоцијацијата на факултети за земјоделски науки од Југоисточна Европа и Асоцијацијата на агроекономисти на Република Северна Македонија.

Подрачја на научноистражувачки и стручен интерес на проф. д-р Ивана Јанеска Стаменковска се во областа на агроекономиката, со посебен осврт на сметководството на фарма и анализата на економските перформанси на земјоделските стопанства, калкулациите и цената на чинење на земјоделските производи, повеќекритериумското одлучување и оптимизацијата на земјоделското производство, работната сила во земјоделството, како и аграрната политика и руралниот развој.