Изработката на Стратегискиот план на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) за период 2024-2029 година е иницирана од страна на актуелниот ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова. Целта на нејзината изработка и усвојување е повеќекратна. Стратегискиот план претставува документ во кој се дефинирани стратешките правци, области и приоритети во научно-истражувачките дејности на Универзитетот. Основа за креирање на Стратегискиот план претставува посветеноста на наставната и научно-истражувачката дејност, како и јакнењето на општествениот, интелектуалниот, научниот, социоекономскиот, уметничкиот и културниот капацитет на земјата, и подобрувањето на меѓународната позиција и препознатливост на Универзитетот. Креирањето е спроведено следејќи ги главните Европски развојни документи во областа на високото образование и научно-истражувачката дејност: „Европска стратегија за зајакнување на високообразовните институции за иднината на Европа“ (Европска Комисија, април 2022), „Поврзување на високото образование, истражувањето, иновациите и општеството: Трасирање на патот за нова димензија во Европското високо образование“ (Европска Комисија, јуни 2021), „Пакт за истражување и иновации во Европа“ (Европска Комисија, ноември 2021), како и „Визијата за универзитети без ѕидови до 2030“ (Асоцијација на Европски универзитети, 2021).
Во Стратегискиот план се дефинирани: – 5 основни стратегиски области
– 3 области за поддршка на процесите
Во рамките на овие стратегиски области се утврдени стратегиски активности за нивно реализирање.
Реализирањето на Стратегискиот план ќе овозможи УКИМ да ја задржи својата лидерска позиција во високото образование во Република Северна Македонија, како и постојано да ја унапредува својата позиција на меѓународно ниво.
|