Научна конференција со меѓународно учество: научен и публицистички интегритет во биомедицината
На 25 април 2024 година во МАНУ се одржа Научна конференција со меѓународно учество: научен и публицистички интегритет во биомедицината. Покровител на Конференцијата беше Проф. д-р Билјана Англова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а организатори беа Македонско здружение на медицински уредници, Македонска академија на науките и уметностите, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Медицински факултет – Скопје. Пред повеќе од 100 учесници, се споделија нови информации во насока на публикување на научни трудови. „Публикувањето на научните резултати и комуникацијата со општеството, е особено значајно заради научниот интегритет и општествената одговорност која ја носат академските институции во светот, а со тоа и во нашата држава. Дополнително, престижот во смисла на квалитет, одличност и оригиналност, како и методологиите за следење и евалуација на резултатите од научните истражувања, наметнуваат критериуми во академската заедница за напредување во кариерата, за доделување на признанија и награди, кои базираат на метрики и индикатори поврзани со публикување на истражувачките активности.“, истакна проф. д-р Билјана Англова. Ректорката, од името на целата академска заедница на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и во свое име, го честита 10-годишниот јубилеј на Македонското здружение на медицински уредници и посакува натамошна успешна активност и постигнувања во соработката со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, МАНУ и други релевантни институции. |