OБМИСЛУВАЊЕ НА СОВРЕМЕНИОТ ЗВУЧЕН ПЕЈЗАЖ: ЕКСПЕРИМЕНТАЛНИ ПРАКТИКИ ВО ВИЗУЕЛНИОТ КОНТЕКСТ
Проектот NEW ART FOR(U)M е летна школа организирана од Факултетот за ликовни уметности. Основната цел на школата е лоцирање и истражување низ алтернативни уметнички практики и дискурзивен интердисциплинарен контекст различен од традиционалните ателјерски уметнички практики и протоколи. Во тој контекст, втората сесија на школата која што се спроведе во периодот 22.06 до 30.06.2024 година под наслов „Oбмислување на современиот звучен пејзаж: експериментални практики во визуелниот контекст“ се осврнува кон звукот како платформа за креативно конципирање и инетрпретација на интердисциплинарно уметничко дело.
Учесниците на летната школа имаа можност да се запознаат, теориски и практично, со начинот на работа на преносливите уреди за снимање на звук, но и на микрофоните и нивната употреба за соодветно доловување на просторот околу нас, како и со основни техники на обработка, миксање и монтирање на звук/шум во соодветно софтверско решение. Со ова, учесниците се насочуваат и обучуваат да почнат да размислуваат за звукот и звучните феномени како на елементи коишто може да ги употребат во/за создавање на звучни слики и амбиентални звучни пејзажи како сомостојни уметнички дела, но и како дел од посложени интердисциплинарни дела.
Преку запознавање со основните поими за звукот и шумот, учесниците се запознаа и со елементите на звучниот пејзаж, како чекор за проширување на индивидуалното перцептивно поле вон, за нив, востановените рамки на визуелното обраќање и создавање. Со востановување на овие термини за дефинирање на звучниот пејзаж како звучна слика за индивидуалната перцепција на непосредната звучна околина, и понатаму создавање на звучни слики како одраз на внатрешните доживувања на уметникот. Сето ова како чекори кон зголемување на свесноста за звучната околина и, понатаму, за звучното загадување.
По завршувањето на теренските активности на летната школа (продукција), создадените материјали, зависно од потребите на конципираните цели (дела), поминаа низ процес на доработка (техничка и уметничка) за соодветно да бидат употребени согласно конципираните цели (дела).
Последна сесија на Летната школа беше организација на Изложба. Сите дела кои беа создадени на Летната школа, беа изложени на изложбата која што се одржа во Галеријата ФЛУ во периодот од 05.03 до 26.03.2025 год.
Проектот е поддржан од ИКССА средства на УКИМ, EU House и Министерството за култура и туризам.





Бул. „Гоце Делчев“ бр. 9, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
ukim@ukim.edu.mk
3293-293 (централа)