Почетна | Новости | 20.10.2025


Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Министерството за локална самоуправа

На 20 октомври 2025 година, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, претставуван од ректорката, проф. д-р Биљана Ангелова и Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија, претставувано од министерот Златко Перински, потпишаа Меморандум за соработка во просториите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој има за цел да ја зацврсти и унапреди меѓусебната соработка, да придонесе кон искористување на научните, стручните и други ресурси, како и  да воспостави соработка со Ресурсниот центар за поддршка на општините.

Целта на оваа соработка e отворање нови можности за развој на високостручни кадри, како и искористување на научните, стручните, материјално-техничките и други ресурси од заеднички интерес на Министерството и на Универзитетот, во насока на:

  • развој и унапредување на капацитетите на страните потписнички преку обуки, семинари и работилници;
  • научно-истражувачка и стручна поддршка од експерти на Универзитетот на единиците на локална самоуправа;
  • вклучување на експерти и студенти од Универзитетот во активностите на Ресурсниот центар за поддршка на општините;
  • размена на експертиза, знаења и добри практики во работењето;
  • заедничко учество на национални и меѓународни проекти;
  • поддршка на процесите за дигитализација и модернизација на услугите на двете страни потписнички;
  • одржување на состаноци по потреба и изработка на соодветни стручни анализи.

Со потпишувањето на Меморандумот за соработка со Министерството за локална самоуправа се отвора едно широко поле на соработка кое ќе има влијание врз активностите на Ресурсниот центар за поддршка на општините.

Потпишувањето на Меморандумот за соработка ќе ја зацврсти и интензивира и досега добрата соработка помеѓу Министерството и Универзитетот, а ќе биде и добра основа за создавање на тим од експерти кои ќе бидат достапни на Ресурсниот центар за поддршка на општините, концепт поддржан од Владата, преку Министерството за локална самоуправа, со цел подобрување на капацитетите на општините и обезбедување долгорочна, стручна и одржлива помош за локалните самоуправи.