Почетна | Новости | 24.04.2025


Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ – фаза 2 и Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија – фаза 2“ и Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост

На 24 април 2025 година, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, претставуван од ректорката проф. д-р Биљана Ангелова, Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија – фаза 2“, претставуван од тим-лидерот Курт Витрих, и Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост, претставувана од директорот Горан Дамовски.

Со овој Меморандум се формализира заедничката заложба за унапредување на практичната настава за студентите преку интеграција на реални работни искуства, како и активно вклучување на приватниот сектор во креирањето на студиски програми согласно реалните потреби на пазарот на трудот.

Настанот свечено го отворија ректорката проф. д-р Биљана Ангелова и заменик-шефот на мисијата во Амбасадата на Швајцарија, г-ѓа Михал Харари. Особено внимание привлекоа презентациите на успешните соработки помеѓу Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје (ТМФ) и компанијата Макстил АД Скопје, претставувани од генералната директорка на Макстил, Марија Павловска Дуковска, деканот на ТМФ, проф. д-р Стефан Кувенџиев, и продеканката за наука и меѓународна соработка, проф. д-р Бети Андоновиќ.

Присутните имаа можност да се запознаат и со иницијативата на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје во соработка со компанијата Агројуником, презентирана од заменик-директорката на Агројуником, Сања Стојоска, и продеканката за настава, проф. д-р Билјана Кузмановска.

Своето искуство го споделија и студентите вклучени во практичната обука, кои го нагласија значењето на ваквите партнерства за нивниот професионален развој.

Настанот претставува значаен чекор кон зајакнување на врската помеѓу високото образование и бизнис секторот, отворајќи нови можности за студентите и факултетите на УКИМ.