Продлабочување на соработката меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот на Западна Атика
✨Во насока на продлабочување на веќе воспоставената академска соработка, на 1.4.2026 г. на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се одржа средба меѓу ректорката проф. д-р Биљана Ангелова и ректорот на
Универзитетот на Западна Атика, проф. д-р Панајотис Калдис.
🍀 Средбата беше организирана по повод потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу двете институции, а на истата присуствуваше и проф. д-р Георгиос Панагиарис, раководител на Катедрата за конзервација на антиквитети и уметнички дела при Универзитетот на Западна Атика и долгогодишен соработник на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ.
✅ Во текот на разговорите беше изразено заедничко задоволство од досегашната соработка, при што беше нагласена соработката меѓу Катедрата за конзервација и Факултетот за ликовна уметност при УКИМ, развиена преку програмата Еразмус+ и реализирана преку заеднички активности, студиски посети
и стручни работилници.
🍀Двете страни изразија подготвеност за понатамошно проширување и продлабочување на соработката и во други академски и научноистражувачки области.
✨Средбата беше заокружена со потпишување на Меморандум за соработка, со кој се воспоставува рамка за понатамошен развој на заеднички активности,
особено во областа на заштитата на културното наследство, вклучително и воспоставување на истражувачки центар/хаб во Скопје, како простор за
реализација на образовни, научни и стручни активности.
🍀Со овој чекор, двете институции ја потврдуваат својата определба за долгорочна и динамична соработка, насочена кон создавање нови знаења, споделување експертиза и развој на современи пристапи во областа на културното наследство.




Бул. „Гоце Делчев“ бр. 9, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
ukim@ukim.edu.mk
3293-293 (централа)