Почетна | Новости | 09.04.2026


УКИМ на EU2SE Недела на претприемништво во Каен, Франција

✨Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје учествуваше на Неделата на претприемништво одржана во Каен, Франција, од 15 до 20 март 2026 година.

Настанот претставуваше завршна студентска активност во рамките на проектот „Европско надградување на студентите за одржливо претприемништво” (EU2SE), финансиран преку програмата Еразмус+ КА220. Станува збор за прв заеднички проект на партнерите од алијансата AcrossEU, во кој покрај УКИМ учествуваат и универзитетите во Каен (Франција), Рованиеми (Финска), Ваљадолид (Шпанија) и Фрибург (Швајцарија).

Програмата беше посветена на развој на иновативни и одржливи решенија, тимска работа и практично прототипирање. Таа логично се надоврза на првата Претприемачка недела успешно организирана од УКИМ во Охрид во мај 2025 година и претставува синтеза на целокупните проектни активности. Покрај студенти и професори од партнерските универзитети, учество земаа и студенти од Високата школа за технологија од Монтреал, Канада.

Значајна улога како предавачи и ментори имаа проф. д-р Стојан Дебарлиев од Економскиот факултет, кој ја реализираше работилницата „Iteration & Business Model Adjustments”, и проф. д-р Маре Србиновска од Факултетот за електротехника и информациски технологии, која го водеше сегментот „Hands-on Prototyping”. И двајцата активно учествуваа во менторските сесии и тимската работа со студентите.

Група студенти од УКИМ, односно од ФЕИТ, ФИНКИ, Фармацевтскиот факултет, Медицинскиот факултет и Економскиот факултет, демонстрираа високо ниво на знаење, креативност, практични вештини и лидерски способности во рамките на своите интернационални тимови. Тие беа меѓу водечките креатори на идеите и ја преземаа одговорноста за презентирање на развиените решенија на завршните презентации.

Преку учеството во оваа активност, студентите стекнаа клучни компетенции: развој и тестирање на бизнис идеи, интердисциплинарна и интеркултурна соработка, претприемачко размислување, прототипирање и ефективно презентирање. Овие вештини претставуваат значајна додадена вредност во нивниот понатамошен академски и професионален развој, особено во контекст на современите предизвици поврзани со одржливоста и иновациите.

Учеството на УКИМ во проектот EU2SE ја потврдува неговата активна улога во европските образовни иницијативи и посветеноста кон современи образовни модели насочени кон практично учење, иновации и претприемништво, во согласност со европските приоритети за зелена и дигитална трансформација.✨