На 31 јануари, во просториите на Универзтитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се одржа средба помеѓу ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Биљана Ангелова, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа проф. д-р Абдулменаф Беџети, ректорот на Универзитетот Гоце Делчев проф. д-р Дејан Мираковски и ректорот на Универзитетот „Св. Климен Охридски“ проф. д-р Игор Неделковски. На состанокот присуствуваа и проректорите и генералниот секретар на УКИМ и проректорот за инвестиции и развој на УГД.
Целта на средбата беше да се разгледаат можностите за унапредување на соработката помеѓу академскиот и биснис секторот преку заеднички активности на универзитетите и комората, во повеќе области. Беше потенцирано дека активностите би се спроведувале во насока на зголемување на конкурентноста на економијата, подобрување на научно-апликативната дејност, зголемување на развојот на иновациите и технолошкиот трансфер и заедничкото учество во домашни и меѓународни проекти, како и во делот на зелена економија, арбитражата на стопански спорови при комората, заштитата на правата од индустриска сопственост, дуалното образование, претприемништвото, практиканството и олеснувањето при имплементација на нови стандарди и технологии.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје останува посветен на соработката со бизнис секторот во насока на поврзување на академијата со стопанството.
|