Почетна | Новости | 21.02.2025


Честит 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

„Мајчиниот јазик претставува темел на културните и националните идентити. Тој е носител на вредностите, традициите и историските искуства. Мајчиниот јазик поврзува, обединува и помага да се пренесуваат традициите на идните генерации. Негувањето и почитувањето на мајчиниот јазик е основа за зачувување на културното наследство и за продолжување на постоењето како нации. Нека е честит 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик“, порача ректорката проф. д-р Биљана Ангелова.
Таа потсети дека во светот се зборуваат повеќе од 6000 различни јазици, но оти за нас најголемо значење има негувањето и афирмацијата на нашиот мајчин јазик – македонскиот јазик, осврнувајќи се на важноста на овогодинешните јубилеи – 80 години од македонската азбука и Македонскиот правопис.
Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик ќе одржи „Македонистички час“ на лекторатите по македонистика на УКИМ на странските универзитети во светот, на кој ќе бидат претставени предавањето и презентацијата на проф. д-р Веселинка Лаброска, член на МАНУ и член на Советот на МСМЈЛК при УКИМ, под наслов „80 години од македонската азбука и правопис“, со придружни толкувања од страна на лекторите.
МСМЈЛК при УКИМ упати благодарност до македонистите, лекторите и студентите ширум светот за нивното континуирано афирмирање на македонистиката, како и за големиот интерес за сите македонистички настани.