Универзитетската школа на докторски студии започна со работа во академската 2011/2012 година, со воведување нов концепт на трет циклус студии – докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Сите податоци и информации поврзани со Универзитетската школа на докторски студии се објавени на интернет страницата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во делот Школа на докторски студии.
Докторските студии на „Св. Кирил и Методиј” во Скопје се реализираат во согласност со правилата на Болоњскиот процес и со европскиот кредит-трансфер систем што овозможува нивна меѓународна препознатливост и можност за интердисициплинарни научни истражувања. Студиските програми за докторски студии ги опфаќаат голем број на научни области во сите научнoистражувачки подрачја, односно научно-истражувачки полиња од прво ниво според Меѓународната фраскатиева класификација: природно-математички науки; техничко-технолошки науки; медицински науки и здравство; земјоделски и ветеринарни науки; општествени науки; хуманистички науки и уметности.
Дел од докторските студии се организираат и како интердисциплинарни студиски програми во кои учествуваат повеќе факултети/институти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Докторските студии имаат за цел:
- унапредување на научноистражувачката, уметничката и стручната работа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје;
- пренесување знаења на новите генерации;
- оспособување кадар кој самостојно ќе води оригинално научно истражување;
- развивање на нови технологии и уметнички проекти и
- интернационализација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Докторските студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, се координира од Универзитетски стручен совет за докторски студии, што се формира од страна на Универзитетскиот сенат и брои 11 членови од сите научноистражувачки подрачја. Со Универзитетскиот стручен совет на докторски студии претседава проректорт за настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Стручните, административните и техничките работи за потребите на Универзитетскиот стручен совет за докторски студии се вршат од страна на Стручната служба на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
За секоја студиска програма, факултетот/институтот има Совет на студиската програма. Советот на студиската програма го сочинуваат лица, избрани во наставно-научни и научни звања на факултетот/институтот, акредитирани во студиската програма.
Стручните, административните и техничките работи за потребите на студиската програма се вршат од страна на Стручната и административна служба на факултетот/институтот.
Докторските студии се реализираат од страна на факултетите, научните институти и јавните научни установи – придружни членки на Универзитетот, согласно со Законот за високото образование, студиските програми и Правилникот за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на трет циклус студии – докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, објавен во Универзитетски гласник бр. 530 од 31 декември 2020 година (Правилник).
Согласно преодните и завршните одредби, сите запишани студенти до влегувањето во сила на овој Правилник, продолжуваат да студираат според структурата на студиските програми на кои се запишале. За сите предмети/активности во студиската програма се доделуваа толку ЕКТС-кредити, колку што е предвидено во студиската програма на која студентот се запишал.
Активностите на Универзитетската школа на докторски студии се пропишани со годишен Академски календар.
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 9, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
ukim@ukim.edu.mk
3293-293 (централа)