Организациска структура | Претседател на Универзитетски сенат


Проф. д-р Владо Бучковски
(v.buckovski@pf.ukim.edu.mk)

 

Проф. д-р Владо Бучковски е роден на 2.12.1962 година во Скопје.

Додипломските студии ги запишал на Правниот факултет во Скопје, во учебната 1981/1982, а дипломирал во 1986 година.

На Правниот факултет во Скопје е вработен од 1.3.1988 година како помлад асистент на научната област римско право. Во учебната 1987/1988 година се запишал на постдипломските студии по граѓанско право на Правниот факултет во Скопје. Магистрирал во 1992 година, одбранувајќи го магистерскиот труд под наслов: „Начелото на консенсуалност во римското и современото право, посебно југословенското облигационо право“. 

За асистент по предметот Римско право е избран во 1993 година. Докторирал на Правниот факултет во Скопје, во 1998 година, на тема: „Римското и современото заложно право“.

За доцент по предметот Римско право е избран на 15.1.1999 година. За вонреден професор е избран во 2003 година, а од 2007 година е редовен професор.

Проф. д-р Владо Бучковски е долгогодишен претседател на организацискиот одбор на престижните ораторски вечери „Иво Пухан“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Од 2011 година, проф. д-р Бучковски е редовен професор и на Европскиот центар за мир и развој во Белград (Универзитет за мир, основан од ООН, во 2010 година).

Од 2005 година, проф. д-р Бучковски е doctor honoris causa на Универзитетот УНИБИТ во Софија, а од 2015 година е визитинг-професор на УНИБИТ на магистерските и докторските студии на УНИБИТ.

Проф. д-р Владо Бучковски е коавтор на повеќе учебници и учебни помагала, како што се: учебникот по Римско право, учебното помагало Избор на текстови од римското право, учебникот Основи на правото на индустриска сопственост, практикумот Право на индустриска сопственост и учебникот Реторика. 

Проф. д-р Владо Бучковски има објавено повеќе од сто научни и стручни трудови во научни списанија во Македонија и во странство, од областа на римското право, интелектуалната сопственост и од областа на реториката и правната аргументација.

Проф. д-р Владо Бучковски беше претседавач на Советот на Град Скопје (2000 – 2001), министер за одбрана во Владата на РМ (2001 – 2004), претседател на Владата на РМ (2004 – 2006), пратеник во Собранието на РМ (2006 – 2012) и специјален претставник на Владата на РСМ во Бугарија (2020 – 2022).