Придобивките од воведување практична настава во високото образование и улогата на бизнис заедницата во процесот
На 13 декември, во просториите на Стопанската комора на Република Северна Македонија, се одржа значајна средба помеѓу претставници на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, бизнис заедницата и Швајцарската амбасада, на тема: Придобивките од воведување практична настава во високото образование и улогата на бизнис заедницата во процесот.
Ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, истакна дека една од главните стратегиски цели на Универзитетот е продлабочување на соработката со стопанството, со цел зајакнување на практичните вештини на студентите и нивната конкурентност на пазарот на трудот. Таа нагласи дека клучот за подготовка на студентите за современите предизвици е во формирањето на силни партнерства со компаниите.
Во таа насока, УКИМ, во соработка со Швајцарската амбасада преку програмите ИМЕ (Increasing Market Employability) и Е4Е (Образование за вработување), започна пилот проект кој вклучува три факултети: Факултетот за земјоделски науки и храна, Технолошко-металуршкиот факултет и Факултетот за шумарски науки и пејсажна архитектура. Целта на проектот е дел од практичната настава за студентите да се реализира во компании, каде што ќе бидат водени од двајца ментори – еден од Универзитетот и еден од компанијата.
Претставниците на компаниите покажаа подготвеност за активно учество во проектот, обезбедувајќи свои ментори за студентите. Дополнително, на средбата се отворија клучни прашања за подобрување на соработката меѓу Универзитетот и бизнис заедницата, проширување на проектот на други студиски програми и обезбедување одржливост на ваквите активности во иднина.
Овој проект претставува значаен чекор кон модернизација на високото образование, создавајќи високо профилирани кадри кои одговараат на реалните потреби на пазарот на трудот.