Проф. д-р Соња Топузовска е родена на 22.2.1965 година во Скопје, каде што завршила основно образование и гимназија. На Медицинскиот факултет во Скопје се запишала во академската 1983/1984 година, а дипломирала во февруари 1989 година со средна оценка 9,73. Истата година се запишала на постдипломски студии на Медицинскиот факултет во Скопје. Од јануари 1991 година е вработена на Институтот за биохемија при Медицинскиот факултет во Скопје. Постдипломските студии ги завршила со средна оценка 10, а магистерскиот труд го одбранила во јуни 1997 година. Во декември 2002 година го одбранила својот докторски труд.
Проф. д-р Соња Топузовска е активно вклучена во изведувањето на теоретската и практичната настава по предметите: Медицинска хемија, Биохемија и Клиничка биохемија на Медицинскиот, Стоматолошкиот и Природно-математичкиот факултет во Скопје, од 1993 година, најпрво како асистент, од 2003 како доцент, од 2008 како вонреден професор и од 2013 година како редовен професор.
Во периодот 2006 – 2009 година е назначена за ЕКТС-координатор за студентите по медицина од прва и втора година, а од 2005 до 2010 била координатор за предметот Биохемија за студентите од Стоматолошкиот факултет. Со воведувањето на ЕКТ-системот, активно учествува во наставата за предметите: Медицинска хемија, Биохемија 1 и Биохемија 2 и Клиничка биохемија на Медицинскиот факултет, Хемија и Биохемија за Стоматолошкиот факултет, Клиничка биохемија за Природно-математичкиот факултет, како и Биохемија и Дијагностички методи за тригодишните стручни студии при Медицинскиот факултет. Од академската 2011/2012 година е вклучена во наставата за докторски студии во рамките на Школата за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, од областа базична медицина, по предметот Методи и карактеристики на базичните истражувања, а од академската 2021/2022 го организира и предметот Методи во научноистражувачка работа.
Автор е на два учебника и седум учебни помагала за студенти.
Била ментор на 4 доктори на науки и на 3 докторанди во тек, како и на 27 дипломски труда. Ментор е на два специјалистички труда и повеќе специјализанти по медицинска биохемија. Член е на 32 комисии за одбрана на дипломски трудови, како и за оцена и одбрана на повеќе магистерски трудови и докторски дисертации. Има рецензирано 5 универзитетски учебници и 4 учебни помагала.
Проф. д-р Соња Топузовска ја организира, ја координира и учествува во научноистражувачката дејност на Катедрата за медицинска и експериментална биохемија, од што произлегуваат над 15о научни трудови, објавени во национални и меѓународни научни списанија и презентирани на конгреси во земјата и во странство.
Учествувала како истражувач во два меѓународни проекта и била раководител на национален научен проект. Учесник е во осум национални научни проекти.
Во 1988 година била на стручен престој во научноистражувачката лабораторија South West Foundation for Biomedical Resarch, San Antonio, Texas, САД, а во 1994 година била во централната клиничка лабораторија во Birmingham Hospital, Бирмингем, Англија.
Проф. д-р Соња Топузовска е член на Македонското лекарско друштво, Лекарската комора на Македонија, Здружението на доктори специјалисти по медицинска биохемија на Македонија, Здружението на Балканската федерација по клиничка лабораторија (BCLF) и на Интернационалната федерација за клиничка хемија (IFCC). Потпретседател е на Здружението по биохемија и молекуларна биологија при FEBS.
Член е на уредувачки одбор на научното списание на Медицинскиот факултет, Academic Medical Journal, и рецензент е на повеќе научни трудови во национални списанија: Physioacta и Prilozi, како и на научни трудови во меѓународни списанија: Journal of Atherosclerosis and Thrombosis и QJM: An Interantional Journal of Medicine. Стручен редактор е на преводот на книгата: „Општа, органска и биохемија“ од Кетрин Денистон, Џозеф Топинг и Роберт Карет.
Значаен дел од секојдневната работа на проф. д-р Соња Топузовска претставува стручната лабораториска дејност на Институтот за биохемија. Специјализација по медицинска биохемија завршила во 1995 година.
Нејзиниот интерес е насочен кон електрофоретските методи за сепарација на биомолекули, па во таа насока се одвивала и нејзината стручна и научна едукација која резултира со воведување на два нови метода: методот за електрофоретска сепарација и квантификација на изоензимите на креатин киназа, како и техниките за разлевање на градиентни гелови за сепарација на ЛДЛ и ХДЛ-супкласи.
Добитник е на Пофалница за заслуги во здравството од Македонското лекарско друштво во 2003 година, Диплома за постигнувања од Македонското лекарско друштво во 2008 година и највисокото признание за постигнати резултати во струката, здравството и работата – Повелбата „Трифун Пановски“ од Македонското лекарско друштво во 2019 година.
Била член на Комисијата за полагање стручен испит за вештак од областа на биохемијата при Министерството за правда на Р Македонија и на Комисијата при Министерството за здравство за утврдување на услови во здравствени установи за добивање на овластување за вршење едукација на специјализанти.
Од април 2009 до септември 2016 година, проф. д-р Соња Топузовска ја извршувала функцијата продекан за настава и била член на Деканатската управа на Медицинскиот факултет. Во периодот од 2008 до денес била член и претседател на повеќе комисии и органи на Медицинскиот факултет, и тоа: Етичка комисија за истражување на луѓе, Научен одбор, претседател на Наставен одбор, Кадров одбор и Конкурсна комисија за упис на студенти, како и повеќе други комисии и тела на Факултетот, при што учествувала и во изготвување на актите на Медицинскиот факултет.
Од 2016 до 2023 година, во два мандата била декан на Медицинскиот факултет во Скопје. Во периодот од седум години придонела за значаен развој и унапредување на наставната, научноистражувачката, здравствената и апликативната дејност на Факултетот. Акредитирани се 9 нови студиски програми, формирано е ново списание (Academic Medical Journal), финансирани се и реализирани 34 научноистражувачки проекти и 32 се во тек, значајно е зголемен договорниот надоместок со Фондот за здравствено осигурување и воведени се повеќе нови здравствени услуги. Набавена е најсовремена опрема за лабораториите, направени се инвестиции во проширување на работниот и лабораториски простор (3000 м2) и подобрени се условите за вработените.