|
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје потпиша согласност за учество во проект од програмата Еразмус+, како една од партнерските институции во конзорциум составен од 15 реномирани европски универзитети.
УКИМ учествува како партнерска институција во тригодишниот Еразмус+ проект AdvancEU – “Advancing beyond Contestation: Addressing the Challenges of Resilient Enlargement”, кој е координиран од Универзитетот „Парис Лодрон“ во Салцбург, Австрија. Проектот на УКИМ го реализира Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ), преку интердисциплинарен академски тим. Проектот AdvancEU е насочен кон анализа на современите предизвици на проширувањето на Европската Унија и кон идентификување институционални и политички реформи што би придонеле кон поотпорна, покохезивна и пофункционална Унија. Преку академско вмрежување, истражувачки активности и јавни дебати, проектот има за цел да обезбеди научно засновани анализи и конкретни препораки за креирање европски јавни политики. Во рамки на проектот, УКИМ ќе има значајна и видлива улога, вклучително и раководење со еден од работните пакети, како и активен придонес во истражувањата поврзани со кохезивната политика, владеењето на правото и демократските процеси. Проектните активности ќе резултираат со конкретни продукти, како што се аналитички студии, работилници, платформа за соработка, нови образовни алатки и документи за јавни политики наменети за европските институции. Преку AdvancEU, УКИМ има можност директно да се вклучи и влијание во најактуелната дебата за проширувањето и перспективната развојност на ЕУ. Проектот е значаен поради директната поврзаност со креирањето и преосмислувањето на европските политики за проширување, како и фактот дека проектот не е насочен исклучиво кон академска анализа, туку кон подготовка на применливи и аргументирани насоки за јавни политики на ниво на Европската Унија. Во таа смисла, учеството на УКИМ во ваков конзорциум од врвни европски универзитети овозможува суштинско и релевантно вклучување во стратешки дебати со јасни институционални и општествени импликации. |
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 9, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
ukim@ukim.edu.mk
3293-293 (централа)