Конкурсот за е-издаваштво на УКИМ за 2024/2025
Во тек е пријавување во рамките на Конкурсот за финансирање на електронското издаваштво на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за 2024/2025 година.
Со цел зголемување на достапноста на учебници и учебни помагала во електронска форма, како и овозможување на нивно бесплатно користење, од учебната 2013/2014 година, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје финансира издавање на учебници и учебни помагала во е-форма, од средствата за остварување на интегративните функции, наменети за активностите поврзани со издавачката дејност. И оваа учебна година, Универзитетот навремено распиша Конкурс за финансирање на електронско издаваштво, на кој сите заинтересирани можат да аплицираат заклучно со 15 декември 2024 година.
Минатата година, на Конкурсот за финансирање на електронско издаваштво се пријавија вкупно 20 автори и за првпат откако се финансира е-издаваштво, прифатени беа сите наслови што ги исполнуваа условите предвидени со Конкурсот.
Сите учебници, односно учебни помагала, издадени во електронска форма досега, се објавени и бесплатно достапни на следниов линк.