Почетна | Вести | 03.11.2026


МОЌТА НА ЗБОРОТ : ДАЛИ ДЕБАТАТА ГО РАЗВИВА КРИТИЧКОТО РАЗМИСЛУВАЊЕ?

Пишува : Борче Исакоски, студент на Природно – математички факултет

Уште пред повеќе од 2.000 години, Аристотел го дефинирал човекот како zoon politikon, или политичко животно, со што ставил акцент на фактот дека луѓето се општествени битија кои имаат потреба активно да учествуваат во општествениот живот, да комуницираат со други луѓе и да носат одлуки за тоа како ќе биде уредено нивното лично, но и колективно секојдневие. Од самото толкување на дефиницијата можеме да сфатиме дека, всушност, една од најважните вештини кои ние како поединци може да ја развиеме е способноста правилно да го искажеме она што го мислиме, да го убедиме соговорникот во точноста на истото и потенцијално да постигнеме нешто како резултат на тоа.

Токму за таа намена, меѓу другото, добро е,а можеби и неопходно,да се има одредени познавања од областа на дебатата. Кога споменуваме дебата, веројатно сите помислуваме на (не)формална расправа за одредено прашање за кое учесниците имаат различни ставови, при што најчесто од културна и временски ограничена дискусија се претвора во борба за тоа кој погласно и повеќе ќе му се вмеша на противникот. Секако дека ова секој од нас знае да го направи, но тука доаѓа вистинското прашање: дали некој ќе се убеди во она што се трудиме да го покажеме и докажеме ако сме најгласни во просторијата и ако најмногу го засенуваме она што не е во согласност со нашиот став? Сметам дека секој би се согласил дека ова можеби е валиден, но сепак редок пример за успешен исход од дебата.

Што тогаш навистина значи да се води една квалитетна дебата и зошто е тоа важно? Пред се, важно е да се знае како треба да составиме и да презентираме еден добро осмислен и силен аргумент, со јасно дефинирано објаснување, доказ и влијание во рамките на самата дебата. Ова би требало да биде клучно за тоа колку лица и до кој степен  ќе бидат придобиени за она што го тврдиме – чисто затоа што веројатно би сакале да бидеме сигурни дека она во што веруваме дека е точно или најдобро навистина е точно и најдобро од секој разгледан аспект.

Можеби сега ќе си помислите : „Добро, ова само значи дека треба подобро да се ја осмислам и да ја објаснам поентата што сакам да ја претставам како вистинита и валидна во рамките на една дебата.“. Да, но и тоа не е сè. Што кога имате седум различни размисли што звучат подеднакво важно и подеднакво потребно за целите на она што се трудите да го одбраните? Веројатно евентуално ќе немате доволно нови примери за да ги поткрепите сите овие идеи, а дури и да имате, веројатно нема да имате време за да ги претставите. Она што сигурно се стекнува преку дебатирање и вклучување во активности од таков тип е да научите како да го претставите она што најсигурно и најбрзо би ја „купило“ масата во вашето убедување во ограниченото време кое ќе го имате (затоа што во најголем дел, ако не и во сите случаи ќе немате цел ден за да објаснувате што мислите).

Последно и според мене најважно, е тоа што најверојатно со текот на времето самоинтуитивно ќе ви доаѓа да анализирате што и да треба да претставите од секој можен аспект, па дури и од оној во кој помалку верувате. Зошто е ова важно? Затоа што верувам дека, ако размислиме подобро, ќе сфатиме дека не секое наше убедување, секој став или секоја мисла се поткрепени со факти и докази, туку, напротив, со субјективни верувања, емоции, пристраности, предрасуди, независно дали сопствени или на оние околу нас. И тоа е прифатливо и нормално, но доколку сакаме да придобиеме некој на која било тема, веројатно треба да бидеме сигурни дека она што го пласираме е издржано и точно во најголем дел од случаите, а не само во оние во кои ние сакаме да биде така. Затоа, кога веќе се вклучувате во една дебата, мора до извесна мера да научите да го разгледувате она што сакате да го докажете и од спротивната страна т.е. од страната со која помалку, или воопшто не се согласувате. Така, освен што сте подготвени во однос на тоа како да вратите на она што евентуално може да го добиете како реплика од соговорникот, веројатно евентуално ќе ви биде поприродно и да одберете од каде ќе ги црпите информациите, во што повеќе ќе верувате, како ќе сте сигурни дека верувате во тоа што е најдобро во моментот, и слично. Со еден збор, ќе научите подобро критички да размислувате, и така да пристапувате кон секоја една проблематика која што понатаму ќе ја решавате во вашето секојдневие, независно дали во рамки на академскиот или приватниот живот.

После сите овие пасуси, многу е валидна помислата : „Добро, сфативме дека да знаеш да дебатираш е супер, но што точно сака авторот да каже со ова?“. Целта на оваа статија е да се истакне можноста која и оваа година ја имаат студентите на УКИМ да се вклучат во дебатните клубови на МОФ, кои ќе функционираат на кампусите на Универзитетот. Доколку си заинтересиран како подобро, поструктуирано и попаметно да ги застапуваш своите мислења, сакаш да разменуваш мислења со твои врсници за актуелни теми, или само сакаш да се дружиш, тоа значи дека веројатно би било добра идеја да пробаш да се вклучиш во некој од овие клубови. Покрај тоа што ќе имаш шанса да се здобиеш со еден нов и користен сет на вештини, постепено ќе станеш и дел од една заедница на млади луѓе кои учествуваат активно на интернационални турнири, се дружат и веројатно поминуваат одредено време барајќи решенија на актуелни проблеми, без никој да го побара тоа од нив. Ако тоа е случајот, слободно пополни ја пријавата за нови членови на дебатните клубови на МОФ и потковај се со некоја интересна,па дури и контроверзна теза за дебатирање.

Статијата ја објавува „Авангарда“, студентски гласник на Универзитетскиот комуникациски центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – виртуелен простор каде студентските идеи, предизвици и успеси добиваат глас, видливост и можност да поттикнат позитивни промени во академската заедница.