Почетна | Вести | 11.11.2026


НОВИНАРСТВО: ОД КРИК НА НАРОДОТ ДО ПРОФЕСИЈА ШТО НИКОЈ НЕ САКА ДА ЈА РАБОТИ

Пишува: Даниел Шикоски, студент на Педагошкиот факултет

 

Ако се вратиме наназад, особено во времето по Втората светска војна, во Македонија да се биде новинар било интелектуална и почитувана професија, а на новинарите се гледало како на учени луѓе со висок општествен статус. Тогаш обичниот народ во новинарите ги гледал својот глас и својот спас. Новинарот бил гласот на безгласните и крикот на беспомошните. Но дали и денес е така?

Според природните закони, сè оди напред и сè се развива. Но тоа не важи и за новинарството во Македонија. Наместо да се развива, тоа оди наназад и денес е професија што никој не сака да ја работи. Младите сè помалку се заинтересирани да станат новинари, а тоа го покажува и сè помалиот број студенти на студиите по новинарство на универзитетите во државата.

Зошто е тоа така?

Главната карактеристика на секој добар лидер или менаџер е да знае да води, но и да ги натера другите да сакаат да го следат. Ако младите во Македонија не сакаат да тргнат по патот на новинарството, тогаш очигледно нешто тргнало наопаку. Поточно, оној што го води тој пат некаде ги изгубил координатите.

А каде најчесто грешат оние што себеси се нарекуваат „лидери“?

Пред сè, новинарството не е стихотворба што се учи напамет. Тоа е занает што бара практика, талент и искуство. Не можеш да го научиш новинарството напамет за испит, а веќе следниот ден да станеш новинар. Како и во секоја друга професија, практичната работа е клучна.

Но за да има практика, некој треба да создаде можности за неа, и тоа еднакви можности за сите. За жал, оние што неплатено се трудат да ги создадат тие можности најчесто се само двајца или тројца луѓе. Наместо поддршка, тие често добиваат етикети дека сигурно имаат некаков личен интерес или дека се нечии платеници.

Секој најчесто поаѓа од самиот себе. Кога ќе види дека некој прави нешто добро без личен интерес, си го поставува прашањето: „Зошто би го правел тоа?“ Не затоа што не верува дека тоа е добро и вредно, туку затоа што самиот не би го направил истото, па така си ја оправдува сопствената безиницијативност.

Загрижува и извештајот на Европската Унија за состојбите во новинарството во Македонија, кој, по којзнае кој пат, повторно е лош.

Да не заборавиме дека веќе е 2026 година и постојано зборуваме за европски стандарди. Но дали сме се запрашале каков е тој европски стандард кога еден новинар добива минимална плата од околу 24.000 денари, а најниската плата во маркет достигнува околу 36.000 денари?

Секоја професија заслужува почит, но не можеме да очекуваме младите да поминат неколку години студирајќи, а потоа да работат работа што носи многу поголема одговорност и предизвици, притоа добивајќи значително пониска плата.

Во државава речиси и да нема видливо истражувачко новинарство, кое можеби е една од најважните гранки на новинарството, а постојано зависи од грантови. Дури и кога го има, сè повеќе се сведува на хронолошко раскажување на она што јавноста веќе го знае, наместо на откривање информации што јавноста треба и има право да ги знае, а што, всушност, би требало да биде главната цел на новинарите.

Ако сакаме повеќе студенти на студиите по новинарство, зарем не е логично да постојат и соодветни работни места? Нема логика да ги мотивираме младите да студираат новинарство, а на крајот тие да работат во маркети и ресторани, додека медиумите се претвораат во места каде што предност имаат „партиските деца“.

И да, ако навистина сме европска демократија и сакаме млади и гласни новинари, тогаш не е доволно само декларативно да се менуваме и да носиме закони на хартија. Треба да ја промениме и нашата јавна свест.

Прво, треба да сфатиме дека сме луѓе со сопствена свест и способност самостојно да расудуваме што е добро, а што лошо, наместо слепо да прифаќаме сè што ќе ни кажат другите.

Второ, мора да прифатиме дека не мора секое мислење да ни одговара. Светот не е составен само од црно и бело. Ако поддржуваме една политичка опција, тоа не значи дека секој што ќе упати критика кон неа е предавник или нечиј платеник. Треба да прифатиме дека постојат различни ставови и дека токму тоа е суштината на демократијата.

Но, ми се чини дека патот до таквата свест во Македонија сè уште е долг. Секојдневно гледаме многу Дон Кихоти и Санчо Пансовци кои, слепо следејќи ги своите лидери, се борат против измислени предавници и платеници. Многу често најголеми жртви на тоа се токму новинарите, кои сè почесто се шиканирани поради објавена вест, изразен став или напишан коментар што некому не му одговара.

Во таква атмосфера, зарем е чудно што младите сè почесто го избегнуваат новинарството?

Сакаме гласни новинари. Сакаме млади новинари. Сакаме повеќе студенти на студиите по новинарство. Сакаме демократија. Сакаме слобода на изразување.

Сакаме многу работи и тоа не е лага. Имаме премногу желби, но премалку луѓе што се подготвени искрено да преземат конкретни активности за барем дел од нив да станат реалност. Залудни се законите што се пишуваат и бришат. Залудни се рекламите и кампањите ако не ја промениме јавната свест. Токму таму започнува вистинската промена.