Одбележана 73 – годишнината од основањето и патрониот ден на УКИМ
Во рамките на Програмата по повод одбележувањето на 73-годишнината од основањето на Универзитетот и одбележувањето на 24 Мај – Денот на светите Кирил и Методиј, патрониот ден на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на 20 мај беше положено цвеќе на споменикот на светите Кирил и Методиј, во рамките на универзитетскиот кампус за општествени науки. И оваа година, овој свечен чин беше организиран во соработка со Владата на Република Северна Македонија.
Делегација на УКИМ, предводена од ректорот, проф. д-р Никола Јанкуловски, беше во следниов состав: проректорите: за финансии, инвестиции и развој, проф. д-р Биљана Ангелова, за настава, проф. д-р Христина Спасевска, за наука, проф. д-р Валентина Гечевска, генералниот секретар на УКИМ, м-р Марија Маневска и претседателот на Универзитетскиот сенат, проф. д-р Анета Баракоска. Деканите, директорите и други претставници на факултетите и институтите на УКИМ се приклучија во чествувањето на патроните со положување на свежо цвеќе. Исто така, својата почит кон патроните на Универзитетот, со положување свежо цвеќе, ја искажаа и делегации и на Институтот „Конфуциј“ и на Сојузот на синдикати на УКИМ.
На споменикот, во чест на патрониот ден на Универзитетот, свежо цвеќе положија високи делегации на државниот врв, дипломатскиот кор и други општествено-политички организации во државава. Пред паметникот на нашите покровители, државниот празник беше одбележан од страна на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г. Димитар Ковачевски, со делегација во чиј состав беа: заменик-претседателот на Владата, Бојан Маричиќ, министерот за правда, Никола Тупанчевски и заменик-министерот за одбрана, Башким Хасани. Свежо цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј положија и делегацијата на Собранието, делегацијата на Кабинетот на претседателот на РС Македонија, делегацијата на Сојузот на борците на РС Македонија, делегацијата на Армијата на Република Северна Македонија, делегацијата на Дипломатскиот кор акредитиран во Република Северна Македонија, како и делегацијата на град Скопје.