Петти симпозиум на студенти биолози
Пишува: Вероника Гијовска, студентка на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет
разговор со ИДСБ за 32 години студентско истражување, теренска работа и поттикнување на младите научници
Студентските истражувања од областа на биологијата, размената на научни искуства и можностите за идни соработки беа во фокусот на Петтиот симпозиум на студенти биолози, одржан на 17 октомври во Струга. Настанот беше дел од 7. конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество, а го организираше Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ), со поддршка на Македонското еколошко друштво (МЕД).
32 години студентско истражување и придонес кон науката
ИДСБ веќе 32 години претставува простор во кој студентите можат да ги надградуваат знаењата стекнати на факултет и да стекнуваат практично истражувачко искуство. Според претседателот на Друштвото, Драган Стојковски, низ годините организацијата реализирала бројни истражувања чии резултати биле искористени како основа за зачувување на дел од заштитените подрачја, но и за иницијативи за заштита на други природни подрачја во земјата.
„Во текот на овие 32 години, ИДСБ била и сè уште претставува паралелен образовен процес на формалното високо образование, преку кој некогашните студенти денес се реномирани научници и експерти во различни области на биологијата и екологијата“, вели Стојковски.
Истражувачката традиција на Друштвото се одразува и преку неговите научни собири. Во 1997 година бил организиран првиот Конгрес на студенти биолози со меѓународно учество, со цел младите истражувачи да добијат можност да ги споделат своите резултати, да разменуваат искуства и да воспоставуваат контакти со колеги од регионот. Петтиот симпозиум на студенти биолози ја продолжува оваа идеја, овозможувајќи им на студентите да бидат дел од поширок научен настан.
Од теренското истражување до научната презентација
Организациската структура на ИДСБ е составена од осум секции: мамалошка, орнитолошка, флористичка, алголошка, херпетолошка, малаколошка, ентомолошка и миколошка. Преку нив студентите имаат можност да се запознаат со различни групи организми, да учествуваат во теренски активности и постепено да го насочуваат својот истражувачки интерес.
Сепак, патот од интерес кон самостојно истражување бара време, подготовка и поддршка. Како што посочува Стојковски, основата ја сочинуваат знаењата стекнати преку формалното образование и проучувањето на научната литература, но особено важна е улогата на менторите, кои ги насочуваат студентите во дефинирањето на истражувачките прашања и спроведувањето на истражувањата.
„ИДСБ, како организација, претставува простор во кој секој студент има можност да го развие својот интерес за различни области од биологијата“, вели тој, посочувајќи дека теренските активности овозможуваат практична примена на знаењата стекнати на факултет.
Важноста на ваквиот пристап се потврди и преку студентскиот симпозиум. Студентите имаа можност да ги претстават своите истражувања пред научници и експерти, да добијат стручни коментари и да разменат искуства со други млади истражувачи. За многумина, ова беше прво искуство од ваков вид.
Размена на знаења и први научни соработки
Меѓу учесниците беше и Памела Петровска, членка на претседателството на ИДСБ, која го претстави своето истражување за разновидноста на безрбетниците долж урбано-руралниот градиент во Скопје, со посебен акцент на редот Coleoptera.
За неа, симпозиумот претставува можност не само да се претстават резултатите од вложениот труд, туку и да се отворат нови перспективи за понатамошна истражувачка работа.
„Симпозиумот на студенти биолози, за мене, означува синтеза на желбата за истражување и на задоволството да ги споделиш плодовите од својот труд“, вели Петровска.
Особено значајни, според неа, се дискусиите по презентациите, преку кои се поттикнуваат меѓуврсничките интеракции, се откриваат заеднички истражувачки интереси и се создаваат можности за идни соработки.
Учеството во рамките на конгресот им овозможило на студентите да стапат во контакт со експерти од различни области и да добијат пристап до нови знаења и истражувачки методи.
Продолжување на истражувачката традиција
Активностите на ИДСБ не завршуваат со симпозиумот. Во текот на оваа година Друштвото реализирало истражувачки акции на Демир Капија, Јабланица и Шар Планина, а за следната година се планира продолжување на теренските активности и истражувањата на други подрачја во Македонија.
Покрај теренската работа, Друштвото продолжува да ја поттикнува и научната продукција на младите. Во тек е подготовката на шестиот број на „Билтенот на Истражувачкото друштво на студенти биолози“, за кој се собираат научни трудови од студенти и млади истражувачи. Преку оваа публикација тие добиваат можност своите истражувања да ги претстават пред пошироката научна и студентска заедница.
Пораката што произлегува од симпозиумот е дека студентското истражување не е само дополнителна активност за време на студиите, туку можност за стекнување знаења, развивање практични вештини и создавање професионални контакти. Преку организации како ИДСБ, младите добиваат простор да ја претворат својата љубопитност во конкретна истражувачка работа и да станат активен дел од научната заедница уште пред да го завршат своето образование.
Статијата ја објавува „Авангарда“, студентски гласник на Универзитетскиот комуникациски центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – виртуелен простор каде студентските идеи, предизвици и успеси добиваат глас, видливост и можност да поттикнат позитивни промени во академската заедница.

Бул. „Гоце Делчев“ бр. 9, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
ukim@ukim.edu.mk
3293-293 (централа)