Студентски организации | Студентски правобранител

Студентскиот правобранител на Универзитетот е sui generis функција во академската заедница, воведена со Законот за високото образование (Службен весник на Република Македонија бр. 82/2018).

Согласно Законот, секој универзитет избира студентски правобранител од редот на редовните студенти заради:

  • решавање на прашања кои произлегуваат од академските односи и
  • заштита на правата на студентите утврдени со закон и со актите на Универзитетот и на факултетите.

 

СТУДЕНТСКИ ПРАВОБРАНИТЕЛ НА УКИМ


Универзитетскиот сенат на УКИМ, на седницата одржана 28 ноември 2023 година, донесе Одлука за назначување на студентски правобранител на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Савче Ѓошева, студент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, ќе ја извршува оваа функција во наредниот двегодишен период.

 

Овластувања на студентскиот правобранител


Студентскиот правобранител, во рамките на своите надлежности е овластен:

  • да посредува во спорови помеѓу студентите и органите на Универзитетот, студентите и член на академската заедница на Универзитетот;
  • да дава препораки во конкретни случаи со цел разрешување на спорови;
  • да презема дејствија за кои е надлежен и по сопствено наоѓање. Ако започне постапка по сопствена иницијатива, потребна е согласност од студентот на кого му се повредени правата;
  • да ги стави на јавна дискусија прашањата поврзани со системот на заштита на студентските права и кршењето на студентските права, и заклучоците од тие прашања да ги промовира со цел подобрување на квалитетот на високото образование и заштитата на студентските права;
  • да соработува со домашни и странски владини и невладини институции;
  • да врши и други надлежности доделени од Сенатот на Универзитетот или од Универзитетското студентско собрание.

 

При вршењето на својата работа, студентскиот правобранител се води од принципите на непристрасност, недискриминација, доверливост, достапност, одговорност, отчетност и законитост.
Студентскиот правобранител не е овластен да ги застапува студентите пред други државни органи, односно во ниту една ситуација не може да ги штити правата на студентите надвор од академската заедница.
За својата работа студентскиот правобранител поднесува годишен извештај до Сенатот на Универзитетот.

 

Постапка за поднесување претставка до студентскиот правобранител


Постапката пред студентскиот правобранител се започнува со барање доставено по редовна пошта, непосредно до седиштето на правобранителот или по електронска пошта на studentski.pravobranitel.ukim@gmail.com.

Барањето задолжително мора да содржи лични податоци на подносителот (име, презиме, студии/единица на универзитетот, број на индекс, е-mail), околности, факти и докази на кои се темели барањето и назив на органот, односно лицето на кое се однесува барањето.