Почетна | Новости | 11.12.2024


Свечено одбележан Денот на македонскиот јазик во Романија и јубилејот 50 години од основањето на македонистичките студии во Романија

На 8 декември во Националната библиотека на Р Романија во Букурешт свечено се одбележаа Денот на македонскиот јазик во Романија и јубилејот 50 години од основањето на македонистичките студии во Романија.

Студиите по македонистика започнале на Универзитетот во Крајова во академската 1974/1975 година на иницијатива на д-р Валентин Келару.

Mакедонскиот јазик, литература и култура се изучуваат на лекторатот по македонски јазик при Факултетот за странски јазици и литература во Букурешт, а наставата ја изведува лекторката, Елена Ѓорѓиовска, која е избрана како лектор по македонски јазик од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Програмата на настанот беше збогатена со музички концерт со македонска традиционална музика, читање македонска поезија во превод од студентите на лекторатот и пригоден коктел.

На настанот присуствуваа дипломатскиот кор акредитиран во Романија, македонските почесни конзули во Романија, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, претставници на Факултетот за странски јазици и литература од Букурешт, како и првата лекторка на Лекторатот по македонски јазик во Букурешт, македонската писателка, поетеса и преведувачка, Лидија Димковска.

На овој свечен настан заменик амбасадорот на Р Северна Македонија во Букурешт, н.е. Златан Беговиќ ѝ врачи на ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова плакета за промовирање на партнерските односи и блиската соработка помеѓу Р Северна Македонија и Р Романија во развивањето на македонскиот јазик, литература и култура.

Овој јубилеј е значајна потврда за важноста на македонскиот јазик и литература, како и за зајакнувањето на културните врски меѓу Р Северна Македонија и Р Романија.