Дали дарувањето крв може да ни наштети?
Не сите херои носат наметки; некои носат фармерки и маица и даруваат крв.
Пишува: Борче Исакоски
Доста инспиративно, нели? Станува збор за еден од слоганите што најчесто ги користат различни организации и центри за промоција на крводарителството. Едноставен, концизен и јасен, а сепак успева да ја долови важноста на овој хуман чин. Поради тоа, би си дозволил да претпоставам дека речиси секој што би се сретнал со овој, но и со кој било друг слоган од сличен карактер, барем накратко би се замислил, би се мотивирал и би одлучил да се вклучи во следната крводарителска акција кога би имал можност.
Сепак, статистиката покажува дека реалната состојба е поинаква. Затоа, да погледнеме што ни кажуваат податоците.
Според трудот „Development of Transfusion Medicine in the Republic of North Macedonia“, објавен во 2022 година од Институтот за трансфузиона медицина на Република Северна Македонија, процентот на луѓе што даруваат крв на годишно ниво во нашата земја изнесува 2,7 проценти.
Иако според критериумите на Светската здравствена организација овој процент е доволен за да се задоволат потребите од крв во болниците на национално ниво, истражувањето упатува на неколку важни заклучоци:
Бројот на доброволни дарувања е значително поголем од бројот на фамилијарни дарувања. Во 2019 година дури 99,7 проценти од дарувањата биле доброволни. Овој податок е особено значаен бидејќи доброволното крводарување се смета за најбезбеден и најсигурен начин за обезбедување доволни резерви на крв.
Понатаму, процентот на жени што даруваат крв останува значително понизок од процентот на мажите дарители. Во 2019 година жените учествувале со 20,5 проценти, а мажите со 79,5 проценти од вкупниот број дарувања. Сепак, охрабрувачки е фактот што, според понови истражувања на Факултетот за медицински науки при УГД, оваа разлика постепено се намалува кај младите дарители во средните училишта.
Особено загрижувачки е нискиот процент на млади крводарители. Во 2019 година тие сочинувале само 16,2 проценти од вкупниот број дарители, при што студентите учествувале со само 5,8 проценти. Според последните истражувања на Факултетот за медицински науки при Универзитетот во Тетово, по пандемијата овие бројки дополнително се намалиле. Тоа значи дека системот во голема мера се потпира на повозрасни и вработени дарители, кои со текот на времето може да бидат спречени да даруваат поради возраста или здравствената состојба.
Исто така, бројот на лица што даруваат крв за првпат претставува релативно мал дел од вкупниот број дарители. Тоа укажува дека крводарителскиот систем во голема мера зависи од редовноста и посветеноста на истите луѓе.
Нема да навлегувам во сите можни причини поради кои дел од луѓето не даруваат крв. Сепак, може да се претпостави дека кај одреден број граѓани постои страв од самата постапка и сомнеж дека дарувањето не е целосно безбедно.
Според Прирачникот за млади мотиватори во крводарителството на Црвениот крст на Република Северна Македонија, ваквите стравови најчесто се засноваат на недоволна информираност и на широко распространети предрасуди.
Пред сè, важно е да се знае дека пред секое дарување крв лицето поминува разговор со лекар и основни здравствени проверки со цел да се утврди дали е во добра здравствена состојба. Со тоа ризикот од какви било компликации се сведува на минимум.
Понатаму, количеството крв што се дарува изнесува околу 10 проценти од вкупниот волумен на крв во организмот. Организмот брзо го надоместува овој губиток, а во рок од околу 48 часа се воспоставува нормалната рамнотежа на течностите.
Не помалку важно е и тоа што опремата што се користи при дарувањето е стерилна и за еднократна употреба. Поради тоа, не постои можност дарителот да се зарази со болест што се пренесува преку крв.
Со други зборови, нема да останете без крв, нема да се разболите поради самото дарување и нема да почувствувате сериозни последици доколку ги почитувате препораките на медицинскиот персонал.
Од друга страна, покрај чувството на лично задоволство што сте помогнале некому кому помошта му е најпотребна, дарувањето крв носи и одредени придобивки. Според Законот за работни односи, секој крводарител има право на два последователни слободни работни дена по дарувањето. Во практика, ова право често се почитува и кај учениците и студентите кога станува збор за наставните обврски.
Дополнително, лицата што дарувале крв повеќе од десет пати имаат право на ослободување од партиципација за одредени здравствени услуги. Исто така, Црвениот крст доделува благодарници и признанија како симболична потврда за хуманоста и солидарноста на крводарителите.
Од сето наведено може да се заклучи дека дарувањето крв не само што не ни штети, туку претставува чин од кој корист имаат и дарителите и луѓето на кои крвта им е неопходна. Затоа, следниот пат кога ќе слушнете за крводарителска акција во вашата средина, потсетете се дека еден ден можеби токму вам или на некој ваш близок ќе му биде потребна крв обезбедена благодарение на хуманоста на непознат човек.
Не чекајте да дојде таков ден. Доколку ги исполнувате условите за дарување, приклучете се кон следната крводарителска акција. Со еден едноставен гест можете да придонесете за спасување нечиј живот.
Референци :
Velkova E, Makarovska-Bojadzieva T, Dejanova-Ilijevska V, Petkovic E, Ristovska E, Drakulevska S, Mitevska L. Development of Transfusion Medicine in the Republic of North Macedonia. Glob J Transfus Med 2022;7:71-6.
Petreski, S., & Mickoski, I. (2024). MOTIVATION OF WOMEN TO DONATE BLOOD. KNOWLEDGE – International Journal , 66(4), 503–509. Retrieved from https://ojs.ikm.mk/index.php/kij/article/view/7062
https://eprints.unite.edu.mk/957/1/Acta%20Medica%20Balkanica%20FINAL%20FINAL-70-79.pdf
https://api.ckrm.org.mk/wp-content/uploads/2016/07/Motivacija_na_mladi_krvodariteli1_web.pdf

Бул. „Гоце Делчев“ бр. 9, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
ukim@ukim.edu.mk
3293-293 (централа)